Празнина КОЈА сјае: Македонија Wednesday, 2024-12-18, 7:23 AM
Welcome Guest | RSS
Main | Православен календар | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Култура [129]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Православен календар » Култура » Култура

    Препознавање низ светското музичко наследство

    Препознавање низ светското музичко наследство
    Тина Иванова

    Кон новото ЦД на „Драган Даутовски квартет" насловено „Флејм"

    Драган Даутовски е еден од малкутемина овдешни уметници кој и' се спротивставува на агресијата толку присутна во последно време во секој аспект на живеењето. Овој наш мајстор на народните инструменти, и покрај огромниот музички куфер полн со знаења и искуство, со тајните, пред се', на македонската звучна традиција, кој со години наназад го носи надвор од земјава и им го отвора на другите покажувајќи ги плодовите на својата почва, не ја наметнува горделиво својата уметничка габаритност. Тивко, тој твори, а неговите креативни импулси во кои е вткаено не само македонското, туку и светското звучно наследство си го наоѓаат вистинскиот пат, ама и вистинското препознавање од оние што умеат да го направат тоа. Не се чалами само заради чаламење, зашто тоа се пресликува во неговите дела. И токму така, полека, но здраво ја топи агресијата која веќе заморува.

    Едно такво ново звучно парче, во кое се среќаваат авторскиот сензибилитет и она што се нарекува народна оставина, се појави деновиве во јавноста. Новото ЦД на групата „Драган Даутовски квартет" наречено „Flame", како што кажува и насловот, е искра пламен во македонската музичка издавачка дејност. Драган Даутовски, кој е потписник на сите пет авторски композиции присутни на изданието, а негов е и аранжманот на останатите четири македонски традиционални теми, плови во нови звучни води заедно со тројцата извонредни музички уметници кои го чинат составот: вокалистката Александра Поповска, Басја Арифовска на кавал и кларинет и Ратко Даутовски на перкусии. Овој пат им се придружува, како гостин, контрабасистот Мартин Јосифовски.

    ЦД-то го отвора вокално-инструменталната композиција „Александрија", која е како индиска рага поради ритмичко-мелодиската репетиција, но и поради вокалната импровизација која може да трае до бескрај. Всушност, фантазијата на Александра Поповска со нејзиното препознатливо „скат" пеење, овде е широка, па оттаму е и можната споредба, иако нема некоја посебна сродна квалификација со индиската музика. Се разбира, овие карактеристики ги имаме и овде, кај нас. Но, ако го земеме предвид самото име, тогаш таа е асоцијација на египетската култура, со мешавина на арапски и африкански елементи и западни влијанија.

    По инструменталната композиција „Сеќавање", со впечатлива тема која веднаш се „лепи" за увото, со силно изразена боја на кларинетот на фантастичната Басја Арифовска, кој, пак, е како меланхоличен одговор, контрапункт на жичените игриви инструменти, следува познатата „Со маки". Ја знаеме прекрасната изведба на Вања Лазарова со групата „Анастасија", темата „Со маки", која го „озвучи" филмот на Манчевски „Пред дождот", а сега повторно ја имаме во една нова виделина, во една извонредна изведба и верзија која го истакнува тегобниот карактер, но со една позитивна звучност. Односно, музиката која е едноставна, не му отежнува на вокалот, туку го осветлува. А овде, Александра Поповска настапува со едно поинакво вокално изразување, полинеарно, без многу отстапувања во орнаменти, што е добро, зашто и' се придава значење на стиховната тежина. Чисто и моќно.

    Сличен приод има и во традиционалната „Јовка", која досега е многу пати „испеана" или „обработувана". Во овој случај, таа е оживеана, повторно во духот на класичната народна традиција, но во автентичниот манир на „Драган Даутовски квартет". „Танц", пак, е брза, како што кажува насловот, има танцувачка структура, во духот на традиционалните македонски ора, и повторно со една впечатлива тема. Жичените инструменти, кои во хипнотичен ритам играат во круг, се топат во повеќезначноста која ја дава кавалот. „Паца", пак, е спој од разни вокални експресии кои Поповска ги движи во интересна импровизација. Оваа „Паца", која, всушност, е прилепската верзија на „Тетовско јаболче", дава сосема нова слика на една од најпознатите народни музички теми.

    Следуваат „Метроном", која името го носи оти буквално е звучна слика на чукање на метроном, како и „Нов Балкан", и двете со разни влијанија од светските музички хоризонти, и со „искршени" ритми во кои голем придонес дава Ратко Даутовски, каков што, впрочем, е целиот албум, кој ако треба да се класифицира, ќе биде сместен во фиоката на т.н. ворлд мјузик сцена. „Флејм" завршува со познатата „Кољо", која застранува кон елементите на поп, особено поради вокалот.

    „Флејм" е мошне еклектично звучно парче, шарено по естетскиот звучен пристап, со богата и комплексна ритмичко-мелодиска структура, со влијанија од разновидните звучни традиции, но и од модерната западна музика, на некои места се чувствува дури и свингот, на некои арапската, некаде византиската култура... Очекувано, и овде, како и досега, виртуозноста во изведбата е мошне силен адут. Станува збор за беспрекорни музичари кои си ја знаат работата, народски кажано. И кога нивните мајстории се соединуваат во едно, настапува магија.

    Албумот е снимен во скопското студио „Анастасија", а дизајнот на обвивката е на Горан Јованов.

       (Утрински Весник)
        18 декември 2013
    Rating: 0.0/0
    Views: 277 | Added by: Вељанко
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024