„Ленче Кумановче" во „Корени"
Најновиот двоброј на списанието „Корени" е во знакот на првото печатено издание на пиесата „Ленче Кумановче" од Васил Иљоски на кумановски говор, објавена по повод 85 години од нејзината прва изведба. На промотивната вечер во Куманово одржана неодамна под наслов „Ленче се враќа дома", им беа доделени и благодарници и пригодни подароци на актерите: Љубица Гојковиќ, Илија Струмениковски, Лилјана Георгиевска, Ѓорѓи Андов и Љупка Варџиска за неповторливите ролји во оваа комедија во изведбата на Кумановскиот театар во 1971 година.
„Последниот број и покрај тоа што е конципиран според стандардна шема, со малку поразлична среденост на рубриките, во суштина, претставува најкумановски број досега", вели Димитар Масевски, уредник на „Корени". Покрај неколкуте прилози со друга тематика, најновиот број, главно, е посветен на кумановските хероини: на најпознатата Ленче Кумановче, на народниот херој Мара Нацева-Дрлевиќ, на Магдалена Антова, како и на првата учителка од Куманово во предвоената Југославија, Милица Јовчевиќ-Зоиќ и други. Добитници на доделените награди на „Корени" за најдобри есеи на годинешниот конкурс на тема „Духот на корените и идентитетот" се: Звонко Таневски, Лилјана Пантелиќ-Новаковиќ (Белград), Цонка Христова (Габрово, Бугарија) и Дејан Богојевиќ (Валево). Списанието на проф. д-р Денко Малески му додели признание за негување на македонскиот политички есеј и слободната општествена мисла, како и графика од Зоран Јакимовски. (М.Д.)
(Утрински Весник)
18 декември 2013