„Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) ќе цели да се развива во иднина како активна асоцијација каде искуството и младоста ќе создадат една современа авангардна и жива ликовна сцена, која ќе влијае врз светските текови во уметноста со својата силна енергија и оригиналност карактеристична за нашето поднебје. Со кретивна мисла и позитивна енергија новата управа ќе се залага за просперитет на друштвото, а со тоа и посилна ликовна сцена во Македонија која треба да предизвика поинаков однос на јавноста спрема уметноста и уметниците воопшто, во сите насоки на општественото битисување", соопшти новиот претседател, академскиот вајар Сергеј Дамовски.
ДЛУМ планира да преземе акција за добивање средства од европските фондови и за лобирање кај големите македонски компании за финансирање на досегашните и на новите проекти.
Изложбата „Мал формат" ќе се отвори на 24 декември во Културно информативниот центар на која ќе се доделат наградите „Димитар Пандилов" за сликарство, „Димо Тодоровски" за скулптура и „Драгутин Аврамовски Гуте" за графика
Ревијалната „Годишна изложба" која го обележува својот 60 годишен јубилеј со отворање во Културно информативниот центар ќе се отвори наредната година на 17 јануари. На ова изложба ќе се доделат значајни признанија од областа на ликовната уметност: „Нерешки Мајстори" за сликарство, „Нерешки Мајстори" за скулптура, „Лазар Личеноски" за сликарство, „Петар Мазев" за сликарство, „Димитар Кондовски" за сликарство, „Јордан Грабул" за скулптура и „Димче Николов" за графика.
„ДЛУМ графика" ќе се оддржи на крајот на јануари 2014 година. Биеналниот „Зимски Салон" ќе се оддржи во почетокот на февруари 2014 година во Националната галерија на Македонија-Објект Мала Станица на тема „Тело што помни", а куратор е Емил Алексиев.
Одбележувањето на 15-от јубилеј на салонот ќе биде со гости од 10 земји: Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина, Република Српска, Хрватска, Словенија, Бугарија, Турција и Австрија.
(МКД)
18 декември 2013