По повод 90-годишнината од раѓањето на доајенот на македонската современа поезија, Ацо Шопов, во спомен-собата на Шопов во Штип беше промовирана неговата последна збирка раскази и патописи насловена „Од Исарот до Мамел".
На промоцијата присуствуваше и сопругата на Шопов, г-ѓа Светлана Шопова, која побара од институциите да почнат да размислуваат за идејата родната куќа на Шопов, која се наоѓа во штипско Горно маало, да прерасне во музеј.
„Би можело нешто да се направи со родната куќа. Таа постои и е одбележана само со една спомен-плоча. Веројатно градот Штип би можел да направи напор и да ја откупи куќата на Шопов и од неа да направи музеј", изјави Шопова.
Збирката со раскази и патописи на Шопов е во редакција и со предговор на Блаже Китанов, професор на Педагошкиот факултет во Штип, кој најголемиот дел од своите научни истражувања му ги посвети токму на поетот Ацо Шопов.
Според професорката Соња Стојменска-Елзесер, збирката „Од Исарот до Мамел" е збир на архивските материјали од ракописите и необјавените прозни материјали на Ацо Шопов, но таа додаде дека таа не треба да се сфати како шокантно откритие и дека поради делото Шопов не треба да го препознаеме како прозаист, туку дека преку него треба да се проникне во сознанието за личноста на Шопов.
Промоцијата на ова книжевно дело е дел од програмата на Друштвото на писателите на Македонија и Македонската академија на науката и уметностите по повод 90-годишнината од раѓањето на Шопов.
М.Р.
(А1ОН)
20 декември 2013