Концерт на гудачкиот квартет „Зографски"
На програмата во културно-информативниот центар, во Салонот 19/19 се дела од Лудвиг ван Бетовен и Дмитриј Шостакович
Во Културно-информативниот центар, во Салонот 19/19 со почеток во 20 часот, вечерва ќе одржи концерт на гудачкиот квартет „Зографски". На програмата се дела од Лудвиг ван Бетовен и Дмитриј Шостакович.
Квартетот „Зографски" го сочинуваат млади и амбициозни музичари - Климент Тодороски и Горан Муратовски, виолини, Александар Стојчески, виола и Кирил Јосифов, виолончело. Својот прв настап го имаа на фестивалот „Денови на македонска музика" во 2012 година, кога ја изведоа светската премиера на композицијата за гудачки квартет од Вања Николовски-Ѓумар. Досегашниот музички опус на членовите на квартетот опфаќа изведени дела од периодот на романтизмот, па се' до дела создадени во 20 век, дела напишани од современи композитори, а значајно место заземаат делата напишани од македонски автори.
Како членови на квартетот „Еквилибриум", младите музичари зад себе имаат два носачи на звук, соработка со странски композитори, како и повеќе настапи на најзначајните музички манифестации во Македонија. Свое меѓународно претставување имаа во Хрватска и во САД.
Заложбата на квартетот „Зографски", велат музичарите, се однесува пред се' на афирмирање на камерната музика во Македонија, соработка со македонските композитори и меѓународно претставување на квартетот.
Од своето формирање, квартет „Зографски" е почесен член на Фондацијата која го носи името на влијателниот македонски композитор Томислав Зографски. (Т.И.)
(Утрински Весник)
21 декември 2013