Промоција на новите носачи на звук на СОКОМ
Во салата „Империјал" на МОБ ќе бидат претставени носачи на звук посветени на јубилеите и опусите на македонските композитори и музички дејци
Вечерва во салата „Империјал" на Македонската опера и балет со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоција на најновите изданија на Сојузот на композиторите на Македонија. Ќе бидат претставени носачи на звук посветени на јубилеите и опусите на македонските композитори и музички дејци: Благоја Ивановски, Александар Лековски, Димче Николески, Драган Шуплевски, Тодор Трајчевски, Валентина Велковска-Трајановска и Горан Начевски, новото двојно издание од фестивалот „Денови на македонска музика 2013", како и цеде-изданието посветено на македонската музика за филм со наслов „Слики во звукот".
Покрај овие аудиоизданија, на промоцијата ќе бидат претставени и најновата збирка од едицијата ноти со избор на дела за гудачки оркестар, на композиторот Благој Цанев, потоа Зборникот со трудови од последното издание на манифестацијата „Струшка музичка есен 2013", најновиот број на списанието „Музика", кое содржи студии, интервјуа и рецензии на 18 автори, како и документарниот филм за „Илија Николовски-Луј" од Бранка Костиќ-Марковиќ, во продукција на СОКОМ и семејството на Илија Николовски-Луј.
Модератор на промоцијата ќе биде музикологот Мирјана Павловска-Шулајковска. (Т.И.)
(Утрински Весник)
21 декември 2013