РУСКИ ОРДЕН ЗА ПРЕВЕДУВАЧКАТА НА РУСКИТЕ КЛАСИЦИ
Московската организација на Сојузот на писателите на Русија одлучи на Тања Урошевиќ да и се додели орденот „А.С. Грибоедов" за придонес кон заедништвото на словенските литератури. Урошевиќ е преведувач што има најголем придонес за доближувањето на највредните остварувања на руските писатели кон македонската читателска публика.
Таа преведела 40 книги од руски на македонски јазик меѓу кои класиците на Пушкин, Лермонтов, Гогољ, Достоевски, Толстој, Тургенев и Чехов. На нејзиниот долг список со преводи се и книгите на Бунин, Сологуб, Леонов, Цветаева, Иванов, Платонов, Булгаков, Набоков, Пастернак.
Урошевиќ е составувач и на две антологии на руската проза: „Ѓаволијада", антологија на рускиот фантастичен расказ од првата половина на 20 век и „Kристален свет", антологија во која се застапени раскази на автори актуелни во руската литература. Урошевиќ има објавено и два романа, од кои „Аквамарин" е влезен во едицијата „130 дела од македонската книжевност" и една збирка раскази.
(Дневник)
23 декември 2013