БИТКА НА СОСЕДИТЕ ЗА НАЈПОЗНАТИОТ УМЕТНИK НА 18 ВЕK
НАШИОТ ЖЕФАРОВИЧ ЈА ВОВЕЛ ГРАФИЧКАТА УМЕТНОСТ ВО СВЕТА ГОРА
Целиот Балкан го присовојува, а тој е роден во Дојран. Неговото име е Христофор Жефарович и тој е нашиот најпознат уметник на 18 век. Тоа што се браќата Манаки за филмската уметност на Балканот е Жефарович во графичката уметност. За жал, неговото име во нашата јавност е помалку познато. Дичо Зограф и Петре Гарката твореле еден век подоцна.
Годинава се одбележуваат 270 години од смртта на Жефарович. Поради неговиот живопис во црквата во војводинското село Боѓани, Србите го сметаат за родоначалник на српското барокно сликарство. На бугарското издание на „Википедија", пишува дека е бугарски зограф, роден во источниот дел на Македонија.
Но, Христофор Жефарович е роден кон крајот на 17 век во Дојран, а умрел во 1753 година, во Богојавленскиот манастир во Москва.
-Тој е нашиот најзначаен уметник од времето на 18 век. Бил сестрана личност, со раскошен талент кој се искажува и се реализира во многу сфери на уметноста. Не само во фрескосликарството и иконописот. Го изучувал и графичкиот занает, халкографијата. Експериментирал со многу медиуми, работел и на црковен вез. Неговата продукција е фантастична, особено во последните години од живот. Фасцинантна е неговата вештина во украсување со вез на архијерејски одежди, митри, делови од богослужбени литургиски предмети, една неверојатна личност која дејствува во првата половина на 18 век - вели византологот Сашо Цветковски.
Целиот живот врзан со Охридската архиепископија
Сепак, неговиот лик и дело го присвојуваат нашите соседи, веројатно поради неговото широко дејствување во регионот. Според Цветковски, фактот дека е роден во Дојран сам по себе многу значи.
-Не само што е по потекло од Македонија, туку и првите наобразби, искуства и поуки ги добива или во Охрид или во некој друг поголем центар на Охридската архиепископија. Kога заминува од овие простори, тој е формиран како уметник и како зрел творец ја прави таа интернационална кариера. Тоа е многу битно зашто Жефарович никогаш не ја прекинува врската со овие предели, а тоа се гледа и во неговите дела, особено во графиките. Тој има постојана врска со црковни прелати и со луѓето кои во тоа време се селат од овие предели, посебно Власите кои емигрираат северно од реките Сава и Дунав. Тие се всушност неговите најголеми нарачатели и мецени. Се што создавал низ животот, сета негова активна творечка кариера била поврзана со теми поврзани со традициите на Охридската архиепископија - дециден е Цветковски.
Во нашата наука досега поголем опус и интерес кон делото на Жефарович објавил византологот, академик Цветан Грозданов. Тој има серија текстови поврзани со неговото графичкото творештво. На прашањето колку Македонија се труди да го истакне и чествува овој наш деец, Цветковски вели дека тој е подзаборавен, што се однесува до пошироката културна јавност.
-Соседните балкански историографи го присвојуваат Жефарович. Но, непобитно е дека тој потекнува од овие предели и целиот живот бил приврзан кон традициите на Охрид, Охридската архиепископија и на ова поднебје. Што е особено важно, неговите дела, особено во техниката графика, се поврзани со мотиви, култови и светители на Охридската архиепископија. Треба да се одбележи дека општината Дојран пред извесно време иницира проект поврзан со Жефарович, меѓу другото поставен е негов споменик пред зградата на локалната самоуправа во Дојран - вели Цветковски.