БИТКА НА СОСЕДИТЕ ЗА НАЈПОЗНАТИОТ УМЕТНИK НА 18 ВЕK
НАШИОТ ЖЕФАРОВИЧ ЈА ВОВЕЛ ГРАФИЧКАТА УМЕТНОСТ ВО СВЕТА ГОРА
Македонија нема дела од големиот уметник
Во балканската историја на уметноста се верифицирани неговите дела - графиките на св. Наум со житието и ведутата на Охридското Езеро и манастирот, графиката на св. Јован Владимир, Стематографијата каде што се вклучени култови на светци кои потекнуваат од Охридската архиепископија (Kлимент, Теофилакт, Наум, Никодим Бератски). Автор е на еден од првите патописи за светата земја - вредното дело „Ерусалим" каде што дава описи на светите места со репродукции во графичка техника.
-Тоа е можеби најстариот прирачник за поклониците кои се подготвувале за пат во Светата земја, исклучително вредно дело кое ние како научна средина треба да го преведеме на современ македонски јазик и да го објавиме. Нашите предци, поклоници од 19 век, кои оделе во Ерусалим, се враќале со вредни уметнички дела, т.н. „Ерусалими". Голем број графички икони кои ги наоѓаме во нашите цркви се всушност носени од Света Гора и Ерусалим. Сето тоа е заслуга на Жефарович кој придонесува во големиот пробив и бакрорезот и графичката уметност ја носи на овие простори. Дури потоа Света Гора ја прима како медиум и кон крајот на 18 и низ целиот 19 век репродуцира огромен број свои графички икони - вели Цветковски.
За жал, во Македонија нема ниту едно од делата на Жефарович. Многу од нив се сочувани во Нови Сад, во Галеријата на Матица Српска, каде што постои цел оддел посветен на Жефарович. Таму се неговите сочувани клишеа и голем дел од графиките. На територијата на денешна Војводина, пак, се единствените негови сочувани фрески во манастирот Боѓани.
-Во манастирот во Боѓани постои музеј посветен на Жефарович. Таму се собрани повеќе уметнички дела, но и негови скици, цртежи. Особено е важно што таму е изложена и копија од неговиот тестамент. Оригиналот на тестаментот е во Москва, во архивата на манастирот Богојавление. Наш интерес е да дојдеме до него и да го имаме како документ - дециден е Цветковски.
Весна И. Илиевска
(Дневник)
23 декември 2013