Руска музика со солистите на Македонската опера
Денеска на малата сцена во Македонската опера и балет во 19 часот, ќе се одржи концерт на солисти на Македонската опера, кои ќе изведуваат дела од руската музичка литература. Благица Поп Томова, сопран, Марика Поповиќ, мецосопран, Дарко Нешовски, тенор, Горан Начевски, баритон и Владимир Саздовски, бас, а во пијано-придружба на Јанинка Невчева, ќе изведуваат дела од Глинка, Чајковски, Рахмањинов и Свиридов.
„Руската опера не се симнува од светските сцени", вели пијанистката Јанинка Невчева. „Оваа сезона ’Метрополитен опера’, на пример, има две руски премиери - ’Евгениј Онегин‘ и ’Кнез Игор‘. Оваа славјанска музика е создавана со голем сензибилетет и нејзиното влијание на публиката е огромно". Тенорот Дарко Нешковски, пак, вели: „Чест ми е да настапам со моите колеги на овој концерт и да ја покажам мојата подготвеност за ваков вид на предизвик, затоа што во тек на моите студии во Бугарија, руската музика заземаше голем дел во мојот репертоар".
Басот Владимир Саздовски премиерно ќе изведе две руски композиции. „Знам дека кога се зборува за руската вокална музика, пред се' имаме асоцијации за големиот бас Шалјапин", вели Саздовски.
Мецосопранот Марика Поповиќ ќе ги изведе Ариозо на Вања од Глинка и една композиција од Свиридов. „Посебен интерес ми предизвика целиот циклус од овој композитор на стихови од Есенин, кој е напишан за мецосопран. Ме воодушеви оваа музика и планирам да го презентирам целиот циклус пред македонската публика", вели Поповиќ.
Сопранот Благица Поп Томова, за улогата на Лиза од „Пикова дама" на Чајковски, вели дека е полна со многу чувства. „Јас ќе ја пеам аријата на Лиза. Како професор по соло-пеење, често ја користам руската романса и песна во мојата педагошка работа", вели Поп Томова.
Баритонот Горан Начевски, пак, вели: „Улогата на Евгениј Онегин е една од најважните и најинтересни улоги за баритон. Јас секогаш со големо задоволство ја пеам. И на овој концерт Аријата на Онегин и романса од Рахмањинов ќе ми бидат уште едно пријатно видување со прекрасната музика. Се надевам исто така и за публиката".
Концертот се одржува во рамките на „Фестивалот на руската култура", кој трае од 17 до 23 декември, а е во организација на Здружението „Чајка" и во соработка со МОБ. Финансиски е поддржан од Владата на Москва. (Т.И.)
(Утрински Весник)
23 декември 2013