Објавена е стрип-книгата „Кочо Рацин - живот, песни и смрт" во издание на Македонскиот стрип-центар со седиште во Велес. Сценариото за овој стрип кој на 50-ина страници го раскажува животот на македонскиот поет е на Ване Трајков, извршен директор на Центарот, а цртежот е на младиот дипломиран ликовен уметник, велешанецот Димитриј Михајловски.
„Идејата да се нацрта животот на Рацин во форма на стрип постои неколку години, работевме на сценариото, цртежот, обезбедување финансиер, бидејќи стрип-уметноста е скапа. Пет години го создававме ова дело, а голем дел од работата потрошивме на добивање точни податоци за животот на Кочо Рацин", вели Ване Трајков, кој подготвува и поширок синопсис, по кој сака да сними и филм за животот на Рацин. Според авторите, во ова дело не е даден акцент на деталите и на одделните периоди од Рациновиот живот. Важноста на овој стрип е во практичната примена на оваа култура, нешто што се' уште е редок пример во земјава.
„Чувствуваме дека Стрип-центарот мора да има оставина, дело за својот сограѓанин, големиот Рацин. Тоа беше неодминливо, тоа е плаќање на долгот кон градот, кон историјата. Преку стрипот се овозможува соодветен тип неформално учење и запознавање со историјата, географијата и останатите природни науки", рече Димитриј Михајловски, цртачот на стрипот кој е финансиски помогнат од Министерството за култура, а е печатен во „Дата понс" во Скопје, во црно-бела техника, освен кориците кои се во тврд повез и во боја.
Тиражот на стрипот е ограничен на 300 примероци, колку што е и цената на стрип-книгата. Таа ќе биде доставена до сите библиотеки во земјава, а во слободна продажба може да се најде единствено во стрип-салонот „Бункер" во Скопје. Ова е трето стрип-издание на Стрип-центарот од Велес, кој во изминатите години ги издаде и стриповите „Ајдучка чешма" и Мис Стон". (П.П.)
(Утрински Весник)
23 декември 2013
|