Ниту една светска поетска енциклопедија ќе нема релевантност без поезијата на Ацо Шопов
Иван Бојаџиски
„Ниту една светска поетска енциклопедија нема да може да биде релевантна без поезијата на големиот лиричар Ацо Шопов". Ова го рече д-р Блаже Китанов, најревносниот истражувач на ликот и делото на Шопов, на одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на големиот поет и револуционер, кое се одржа во Спомен-собата на Шопов во Домот на културата во неговиот роден Штип. За академик Катица Ќулафкова, „Ацо Шопов е несомнена вредност во македонската книжевност, македонски класик, еден од најзначајните македонски поети на 20 век".
Голем број културни работници и граѓани на Штип викендов се собраа во убаво уредената Спомен соба на Шопов за да го одбележат денот на неговото раѓање и да присуствуваат на промоција на книгата раскази „Од Исарот до Мамел", која Блаже Китанов ја подготви за печат и го напиша предговорот. Според промоторот Соња Стојменска-Елзесер, книгата „Од Исарот до Мамел", која опфаќа петнаесетина прозни записи, пишувани во разни периоди од творечкиот пат на поетот, е драгоцен материјал и прилог кон поцелосно запознавање и архивирање на дејноста и творечките немири на Ацо Шопов.
„...И во овие прози се чувствува стремежот на Шопов кон интимизам, неговата страст и на епохалните збиднувања да им ја открие интимно-личната, човечка димензија. Тоа што неговата поезија го означи како пресврт во македонскиот книжевен живот во 1950-тите и 1960-тите години од колективни, големи теми кон индивидуален внатрешен свет на поетскиот субјект, се препознава и низ редовите на неговите прозни записи, зад кои постојано се појавува нескротливиот дух и занес на Шопов – поетот", рече Стојменска-Елзесер пред присутните.
Ацо Шопов, во сите фази од творечкиот животен пат, за време на гимназиското школување и војување, низ многубројните патувања и престои во одделни места и земји по ослободувањето (Русија, Франција, Турција, Африка), она што оставило траги во сеќавањето и силно ја возбудило творечката фантазија, педантниот Шопов го запишувал и презапишувал во вид на расказ, дневник, и патеписна проза.
„Наспроти затврдените естетско-уметнички резултати во поезијата и препевот, прозните записи – расказите се патоказ дека се одржувал континуитетот на творечката кондиција на поетот-преведувач. Иако неспоредливо со естетското ниво на песната и препевот или со вонредните прозни минијатури на Точко, Бошковски, Абаџиев и други, прозните записи и раскази на Шопов се литературно-историски документ за едно време и скромен прилог кон неговиот поетско-преведувачки опус", рече Китанов.
Според професор Китанов, кој се осврна на поезијата на Шопов, притоа издвојувајќи некои негови песни, како што Мајаковски и Блок, Бодлер и Маларме сиот живот развиваа една тема, така и нашиот поет ќе ја развива Небиднина како единствена психогена и космогена тема што ќе стане магистрална поетска парадигма во сета негова поезија. „Таа магична парадигма, со другите сродни и клучни парадигми/класи (зборот, огнот,пепелта, дрвото, водата, каменот...) за цело време ќе ја преферира гетеовската аксиома дефинирана во поезијата на Шопов, како остварување низ неоствареност или умри и настани, или во живот низ смрт (’Сонцето и телото‘), а со истакнувањето на оној филозофски став дека подолг е животот до човека патот (’Љубов на огнот‘)", рече Китанов.
Китанов потенцира дека за Ацо Шопов човекот е пред се' и над се'. За Шопов човекот е безмерно голем, поголем од океанот, зашто човекот е една бескрајна бездна. Тој најдобро го изразува тоа преку стихот „(Човеку) птицо преправена во ѕвезда, кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна".
На овој настан посебен белег му даде Светлана, ќерката на Ацо Шопов, која на Спомен-собата на својот татко и' подари статуетка од Африка.
(Утрински Весник)
23 декември 2013