МАКЕДОНСКИ ПИЈАНИСТКИ НАЈДОБРИ НА НАТПРЕВАР ВО МОНТЕ KАРЛО
Со втора награда се вратија младите пијанистки Инес Неделковска и Јована Трајчева од меѓународниот натпревар за пијано-четири раце што се одржа во Монте Kарло. На натпреварот не била доделена првата награда, со што нашите пијанистки го добија највисокото признание на натпреварот. Трајчева и Неделковска работеа под менторство на професорите Нина Kостова-Јаневска и Људмила Романова. Од седум категории, тие се натпреваруваа во категоријата супериор каде што со само 10 години Неделковска беше најмладиот учесник и се натпреваруваше на исто ниво со другите пијанисти, кои беа над 20 години.
На реномираниот натпревар учествуваа стотина пијанисти од целиот свет, а меѓународно седумчлено жири ги избра најдобрите.
Нашите уметници настапиле со дела од Моцарт, Гершвин, Прокофјев.
-Уживав во соработката со Инес и ме инспирира нејзината желба за музицирање. Со оглед на нејзината возраст, нејзиниот пристап и свирењето беа навистина професионални – вели Трајчева, која е студентка во трета година на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
За малата Инес, возбудата немала крај, особено што првпат свирела пијано-четири раце.
-Бев возбудена и што свирев со Јована, која е многу поискусна пијанистка од мене, со многу успеси зад себе. Чувствував огромна одговорност поради довербата што ми беше дадена од моите професори, па затоа работев напорно и секојдневно вежбав по неколку часа. Бев најмладиот учесник во таа категорија и бев многу среќна поради пофалбите од членовите на жирито и од публиката. Но, во исто време бев потполно свесна дека по овој успех ми претстои уште повеќе вежбање и поголема посветеност. Едвај чекам да ги добијам новите композиции што треба да ги свирам - изјави Инес, која е петтоодделенка и го посетува ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј".
Годинава Инес двапати настапи како солист со оркестарот на Македонската филхармонија и освои повеќе први награди на домашни и на меѓународни натпревари.
(Дневник)
27 декември 2013