Владимир Илиевски – сликар во потрага по светлината
За своето творештво добитник е на повеќе награди меѓу кои се издвојуваат првата награда за стрип на 40-та Светска галерија на карикатури на „Остен", признанијата за првенец на генерацијата 2005 – 2008 во ДСУПУ „Лазар Личеновски и студент со највисок просек на Академијата, а во 2007 бил победник на натпреварот за дизајнирање на новогодишни честитки за Амбасадата на САД во Република Македонија.
Од друга страна, Владимир Илиевски како и секој млад, динамичен и полн со енергија уметник не остава ден, а да не живее со и за уметноста и своите дела да настојува да и ги претстави на публиката. Имено, непосредно по завршувањето на изложбата „Светлосна материја" во Скопје, тој со поинаку замислена збирка од своето традиционално сликарство, овој пат насловена како „Динамика", и појде на гости на кичевската публика.
„За краток период по „Светлосна материја" имав уште една изложба – самостојно излагав во Кичево. Таа изложба беше насловена „Динамика" и на неа се претставив со фигуративно сликарство – на сите слики имав насликано животни во силни движења. Но дури и таму не можев да ја избегнам светлината и ефектот на светлината. Така да секогаш се поврзуваат темите и содржините се поврзуваат една со друга."
Не смее да се заборави и тоа дека сликарот беше еден од учесниците на годинешниот музичко-ликовен перформанс „Синестезија", а во престојниов период ќе работи и на подготовките за својата самостојна изложба со соседна Бугарија.
„Се надевам дека напролет нареднава година ќе ми се реализираат плановите да го изложам моето творештво во Национално-историскиот музеј во Ботевград, во Бугарија. Таму веројатно ќе носам некои од овие дела што веќе и се претставени на нашата ликовна публика, но и слики кои допрва ќе ги насликам и ќе ги заокружам во некоја поинаква целина."
Владимир досега има и две заеднички изложби со својот брат Гоце Илиевски, со кого го делат студиото. Не ја исклучува можноста и по трет пат со нови дела да ја предизвикаат ликовната јавност и вели дека кај нив тоа е сосема нормално и дека таквата желба се раѓа сосема спонтано, органски.
(Радио Слободна Европа)
28 декември 2013