„Со оваа потрага во самостоен
проект мислам дека нема да продолжам, но овој концепт отвора многу други потпрашања кои можат да се разработат во помали инсталации и да се претстават на групни изложби."
Од друга страна, Ангел Миов ќе рече дека неговиот проект иронично насловен како „Повлечи ги конците" е составен од повеќе сегменти. Во еден дел е претставен неговиот сосема класичен приод – платна на кои има цртежи. Цртежите се направени од пластични конци и специфично е што се влечени повеќе линии наеднаш. Другиот дел се состои од готови предмети врз кои е направена интервенција и се ставени во контекст на идејата, а третиот дел, пак, е интерактивен и ја кани публиката од дадените користени материјали да создаде некој свој цртеж. Згора на тоа понудени се и парчиња од фотографии кои во некоја рака ги спојуваат елементите и видео во кое е прикажан целокупниот творечки процес на авторот врз делото.
Затоа говорејќи за концептот уметникот вели дека целата изложба всушност ги преиспитува односите на авторот кон сопствената творба и констатира дека сите платна се навидум споени во една приказна, но секое за себе е своја приказна.
„Концептот на изложбата или прашањето кое го поставува е авторот наспроти своето дело, односно што е она што е заедничко меѓу авторот и делото. А, тоа е процесот на создавање на самото дело. Сите теми кои навидум постојат на изложбата се само едно начнување, еден опит кон некоја поголема идеја која во текот на создавањето константно се менува."
Миов дополнува дека на изложбата интензивно работел околу четири месеци и дека таа во оваа форма безмалку е комплетно различна од првичната идеја од која тргнал да истражува. Од неа останал непроменет единствено користениот материјал за изработка, што очебијно може да се види на снименото видео.
Кон ова само уште информацијата дека проектите на Кировска и Миов ликовната публика ќе може да ги види во Националната галерија на Македонија – во салоните на Чифте амам до 20 јануари наредната година.