Празнина КОЈА сјае: Македонија Monday, 2024-11-25, 0:07 AM
Welcome Guest | RSS
Main | Православен календар | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Култура [129]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Православен календар » Култура » Култура

    Единствениот гајдаџија во Македонија

    Единствениот гајдаџија во Македонија

    „Шупелка свирев од дете, со неа израснав. Како што созреав продолжив со гајда. Иако двата инструменти немаат многу сличности, мене ми се случи да знам да свирам на двата. Двата се различни, ама јас успеав", вели Лазар

    Петар Печков


    Во Македонија, според музичарите, нема повеќе од дваесетина гајдаџии, уште помалку се тие што свират и ги изработуваат гајдите. А само еден е што и свири и ги изработува и со неа пее. Тоа е 76-годишниот Лазар Петровски од Велес. Роден светиниколец, тој доцна почнал да свири на гајда - на 48 години. Почетоците се врзани со свирење на шупелка. 

    „Почнав да свирам на гајда во далечната 1986 година во септември, претходно свирев шупелка. Оттогаш наваму сум неразделен од гајдата. Музиката, песната ми се дарба, а од неа не се бега. Шупелка свирев од дете, со неа израснав. Како што созреав продолжив со гајда. Иако двата инструменти немаат многу сличности, мене ми се случи да знам да свирам на двата. Двата се различни, ама јас успеав", вели Лазар. Неговиот вујко бил исто така гајдаџија, многу успешен во Овчеполието, познат во тој крај. Освен што чичко Лазо го има знаењето за овие два инструменти, во еден дел од животот се решил да го пренесе знаењето и да ги учи младите да свират на гајда и шупелка. Во тогашниот велешки Пионерски дом „Ѓоре Органџиев" одржувал курсеви, на кои доаѓале околу десетина деца, на возраст од 8 до 12 години. 

    „Со нив го направив најголемиот успех, освоивме прво место на фестивалот ’Пеце Атанасовски’ во Долнени. Имавме настапи и во Куманово и во Кочани на ’Денови на оризот’, сите не' пречекува со аплаузи. Замислете деца кои свират гајда. Во составот имавме и тапанџија, бевме многу популарни тогаш. Тоа беше 1997 година. Од таа генерација само уште две-три деца останаа да свират. Други нема, не покажуваат интерес. За да свириш на гајда, шупелка, треба да имаш дарба, талент. Човек за музиката, песната треба да е надарен, не да има мерак. Сите имаат мерак, ама на ги бидува", вели Лазар. Присуството на гајдаџијата своевремено на домашни и верски прослави било приоритет. Гајдаџиите имаат големо влијание во одржувањето на автентичната вокална, инструментална и играорна традиција. Се сеќава на неговите почетоци, на првите свирки со гајда, кога малку требало да колабира, му се вртел паметот од напор и дуење на мевот. Но постепено се навикнал. Знае да свири и по цели ноќи и да нема никаков проблем. Ја има прошетано поголем дел од Европа, каде што наидувал на топол прием.

    „Гајда има во Бугарија, Романија и повеќе во Македонија. Кога одев на турнеи, цела сала стоеше на нозе кога настапував. Викаат браво, браво, аплаузи. Милина. Многу ја ценат гајдата во странство. Последните години одам по манастири, настапувам по цели ноќи. Јас свирам и пеам. Имам повеќе од 70 изворни песни. Од Овче Поле има многу изворни гајдаџиски песни, во Велешко нема. Најтешко ми е кога ја исполнувам ’Ај што се бели горе Шар Планина’. Тоа е тешка песна, со многу зборови и треба да се дува да се пее, се исцрпува гајдата, па мораш да ја дуеш одново. За неа треба мајсторство. Имам на репертоарот песни кои не се слушнати, пеани ниту чуени по радио и телевизија. Тоа се неколку, ама се мое богатство", објаснува Петровски. Тој последните години освен настапите во ансамблите свири и по манастирски слави. Може да се види во Св. Јоаким Осоговски, во Лесновскиот манастир „Св. Архангел Михаил", манастирот „Св. Јован" во Ветерско, во Катланово на св. Недела. 

    „Во Македонија можеби сме 20-ина гајдаџии, дел од нив изработуваат гајди, ама само јас пеам, свирам и правам гајди. Гајдата се состои од мев, тоа е кожа од јаре, коза, овца, јагне, потоа гајдарка со неа се свири, рогот дава тон, а со липало се дува мевот и има кожинче кое не дава да излегува назад воздухот. Една гајда може да се изработи за две недели. Јас и штавам и обработувам. Малку се бара гајдата, денес, нема интерес. Најчесто во Трново, кога свирам таму ми бараат да купат нашите иселеници", вели Лазар. Имал и женска пејачка група со која работел неколку години. Лазо гајдаџијата има снимено неколку цедеа со своја музика, на која тој исполнува изворна музика. Но и песни пеани од Васка Илиева, Никола Бадев, Александар Сариевски. Најмногу интерес за овие цедеа покажуваат странците и нашите иселеници. Лазар Петровски има свирено во друштвата „Брако", „Керамичар", „Коле Неделковски", сите од Велес, „Јанко Глигоров" од Свети Николе, таму му се почетоците. Сега зимава ќе одмора, за напролет пак да се огласи звукот на гајдата на чичко Лазо.

       (Утрински Весник)
        28 декември 2013
     
    Rating: 0.0/0
    Views: 346 | Added by: Вељанко
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024