„Мојата роднина Емилија" (Meine Cousine Emilia) од Влада Урошевиќ и „Сестрата на Зигмунд Фројд" (Freud´s Schwester) од Гоце Смилевски, два романа кои годинава (2013) беа преведени и објавени на германски јазик, како и стиховите на Лидија Димковска или Никола Маџиров треба да ѝ го отворат патот на македонската литература на германскиот пазар. „Двајцата се неверојатно добри лиричари", вели за нив славистот Александер Зицман и дополнува: „Лиричари, кои со своите стихови на места сосема јасно укажуваат на нивната татковина, но пишуваат толку интернационално, што имаат успех и надвор од границите на својата земја".
Патот не е лесен, смета преведувачот на Смилевски и Урошевиќ, Бенјамин Лангер, и дополнува дека да се објави едно дело на германски јазик е сплет на повеќе фактори: од изработка на професионално портфолио, кое содржи преведени извадоци од романот и податоци за авторот, па сѐ до пронаоѓање на издавачка куќа. „Да се најде издавач изискува огромна посветеност, многу време и ентузијазам", смета и Елизабета Линднер, исто така литературен преведувач од германски и македонски јазик.
Лангер, како и преведувачот, славист и скандинавист Зицман се на мислење дека од големо значење за промоцијата на македонската литература во Германија, Австрија или Швајцарија се и контактите, присутноста и претставувањето на самите автори на различни литературни читања.
Влада Урошевиќ и Бенјамин Лангер
Една од можностите се на пример саемите на книгата, особено саемот во Лајпциг, каде авторите може да стапат во контакт со претставници на издавачките куќи. Ваквата присутност, според Бенјамин Лангер, може да донесе поголеми резултати, отколку само да се изложуваат книги на штанд или да се презентираат готови преводи, впрочем секоја издавачка куќа полага на ексклузивните права за едно дело.
Конечно, и добивањето на награда, како на пример наградата на ЕУ за литература на Гоце Смилевски или наградата „Хуберт Бурда" за Никола Маџиров играат улога во изборот на македонските автори. „Потоа траеше долго, четири години, но, збирката 'Преместен камен' (Versetzer Stein) беше издадена од 'Ханзер ферлаг'", подвлекува преведувачот на Никола Маџиров, Зицман, кој првично ги превел стиховите на Маџиров, бидејќи нему му се допаднале.
Авторите секако треба да бидат етаблирани во својата земја, дополнува и Линднер: „Не може поинаку да се убеди издавачот, да објави нешто што не е успешно во земјата од каде доаѓа. Дури и поддршката што постои за литературните преводи е наменета за автори кои се докажале во својата земја".
Етнокултурните карактеристики - предизвик за преведувачите
Германско издание на „Мојата роднина Емилија"
Сплет на околности, кои меѓутоа не смеат да ја потиснат магијата на литературната реч: на пример приказните за загатливата Емилија и мистичниот превез на нејзините авантури низ скопските сокаци, кои го привлекоа вниманието на Лангер.
„Влада Урошевиќ беше првиот автор, кој го читав на македонски јазик. Тој навистина многу ми се допадна, расказите допреа до мене. Посакав да може да го прочитаат и моите пријатели, но, за тоа требаше да се најде издавачка куќа, за што лично се заложив. Патот беше долг и тежок, но, се најдоа помагачи, кои ме поддржаа и успеавме. Навистина тоа беше проект, кој ми лежеше на срце".
Привлечност кон пишаниот збор, која беше предизвик за Лангер да ги надмине и замките на македонскиот литературен јазик, како на пример, како што вели самиот, структурата на реченицата, која честопати ја менува формата, но и специфичностите: „како 'смеејќи', иако имаат еквивалент на германски, би се рекло 'lachend', тие не звучат природно, и речиси да не се употребуваат. Но, тоа се употребува многу често во македонската литература, и мора да се пронајде како да се пренесе", вели Лангер и не го заборава зборот „ајде". „'Ајде' се употребува во Македонија многу често и тешко е да се преведе вистинскиот аспект", вели тој.