Ова етнолингвистичко ниво го истакнува и преведувачот Зицман: „Тешки се повеќе не јазичните карактеристики, туку културното опкружување на Македонија, или во принцип на секоја земја. Секогаш има нешто, што на германски го нема. Но, основното правило за нас преведувачите гласи: Сѐ може да се преведе".
За да се открие квалитетот на еден автор, од големо значење е токму умешноста на преведувачот. „Еден автор како Влада Урошевиќ или лиричарите Никола Маџиров и Лидија Димковска најдоа добри издавачи, добри преведувачи и адвокати на нивната литература - тоа како биланс воопшто не е лошо", истакнуваат од здружението „Германски преведувачки фондови" од каде велат дека за германските издавачи од големо значење се препораките, бидејќи лекторите по правило не можат да ги читаат македонските автори во оригинал. Ова здружение ги поддржува преводите со стипендии за преведувачите. А поддршка пристигнува и од европската мрежа за литература и книги од ЈИЕ „Традуки". Дел од преведувачите, меѓутоа, посакуваат поголема поддршка и од матичната земја за книжевните проекти и учество на авторите на саемот во Лајпциг.
Книгите - градители на литературни мостови
Елизабета Линднер на саемот во Лајпциг
Пред последниот бран преводи на германски јазик, кои сe воедно презентирани и на интернет платформата slovokult.de и во литературни списанија, повеќе од скромно беше присуството на македонска литература на германското јазично подрачје. Од Луан Старова беше објавена „Времето на козите" (Zeit der Ziegen), а во 2001. година збирката раскази „Куќата на крајот на селото" (Das Haus am Ende des Dorfes) од Благоја Ристески Платнар, која беше оценета како „храбар, но неуспешен обид", поради, според рецензијата, изборот на текстовите во неа.
Романот на Лидија Димоковска, „Резервен живот" (Reserveleben), добитник на „Книжевната награда на ЕУ", поточно делови од него, напротив веќе наиде на позитивна критика во еден локален австриски весник, што за преведувачот Зицман е добар знак за овој роман да се преведе и за германската читателска публика. Нејзе идната година ја очекува и романот „Разговор со Спиноза" (Gespräch mit Spinoza) од Гоце Смилевски, кој треба да биде објавен наесен 2014. „Планирано е да се направи и збирка од повеќе македонски автори, меѓутоа се потребни голема посветеност и средства. Идејата е преку соработка меѓу издавачки куќи, да се направи размена, поточно да се издаде мала антологија од македонски поети на германски и обратно, германска поезија да се преведе на македонски јазик", но за да се реализира оваа соработка е потребна и поддршка, подвлекува Линднер.
Од здружението „Германски преведувачки фондови", кое воедно го поддржа романот „Мојата роднина Емилија" за ДВ истакнуваат дека таквите преводи претставуваат културна придобивка за читателите и градат литературни мостови.
(Дојче Веле)
28 декември 2013