ВЛАДА УРОШЕВИЌ, ПИСАТЕЛ
Влада Урошевиќ е еден од најумешните македонски „приказничари" кој формата расказ ја доведе до вистинско совршенство. Постојано поигрувајќи се со елементите на реалното и надреалното, тој во своето творештво останува доследен само на една константа - изненадувањето. Под оваа константа можеме да го сведеме и неговот последен „експеримент" - креирањето дигитални колажи со наслов „Laterna magica" кои ја илустрираат неговата најнова збирка раскази „Тајна мисија" во издание на „Магор" и кои неодамна беа изложени во ликовниот салон на МАНУ. Урошевиќ е еден од најзначајните претставници на македонскиот модернизам, поет, раскажувач, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач.
Која е тајната на пишување добар краток расказ? На прв поглед оваа форма се чини најлесна и најподатна дури и за почетници. Дали е тоа навистина така?
-Не сум единствен што тврди дека денес романот е форма во која се испробуваат почетниците, додека расказот е вистински доказ за прозното мајсторство. Расказот раскажува еден настан кој во себе содржи доволна доза на обичност, а истовремено може да послужи и како објаснување на целата наша цивилизација во случај таа да исчезне во некоја катастрофа по која, како единствен доказ за нејзиното постоење, би се нашол токму тој расказ. Романот многу често е доказ за доследноста и упорноста. Расказот, пак, во најдобрите случаи, е резултат на миговна сублимација и луцидност.
Во вашите дела навидум има и многу малку од нашата актуелна реалност. Колку ве допира она што се случува наоколу и колкав дел од тоа дозволувате да влезе во вашето творештво?
-Не верувам дека може да се создава исклучувајќи се целосно од своето време. Во многу случаи, писателите и уметниците, воопшто, даваат свои одговори на тешките прашања на епохата, но најчесто не директно, туку низ своја визура. Којзнае што се` ќе откријат за нашето време идните проучувачи на македонската литература кога по неколку децении, ќе и `пристапат со некои нови клучеви.
Колку ве допира дневната политика и сеопштото политиканството? Колку ваквата атмосфера може да биде погодна почва за изнедрување на големи автори и дела?
-Сеопштата политизација на општеството, во која сме паднати, води кон страшно осиромашување на духот. Веќе не можеме да зборуваме за обичната скопска магла а да не паднеме во политичка дискусија. Да не зборуваме дека сигурен доказ за политичкото определување би било искажувањето за естетската вредност на некој новоподигнат споменик. Затоа можеби и нема такви искажувања. Мислам дека би било добро на сите наши политичари да им биде обврска секоја вечер пред спиење да прочитаат и тоа на глас неколку редови во кои би било кажано што ќе биде со нивните земни останки по нивната смрт (бидејќи и тие се смртни, нели?), па, ако можат да издржат, и со споменот за нив. А, исто така, и тоа дека нашата Земја, по многу години, ќе лута обесчовечена и празна низ пустината на вселената како еден огромен студен камен. Ако со тоа успееме да ја всадиме во свеста на тие луѓе вистината за нетрајноста на сите човечки големи идеи и грандиозни потфати, можеби тие би се посветиле и би тргнале кон тоа да обезбедат благосостојба на луѓето кои живеат околу нив, овде и сега. Инаку, да не се грижиме, значајни уметнички дела може да настанат и во многу лоши услови, тука нема правила. Отидете до Матка: митрополитот Јован и монахот Григориј ја живописувале црквата „Свети Димитрија" во лето Господово 1389 година. Во истите месеци, додека тие сликале, се одигрува битката на Косово и војската на Османлиите е само неколку десетици километри далеку од Скопје. Но тие го сликаат „Миењето на нозете на апостолите" со спокојство и смиреност како да се среде некој безвремен миг.
Во новата книга раскази „Тајна мисија" продолжувате да го негувате интересот за фантастиката, за необичното и чудесното во литературата. Како обичното од секојдневието го преточувате во необично?
-Мојот интерес за чудесното и фантастичното трае, но притоа се обидувам, во секоја нова книга од оваа област да го проширам кругот на темите и постапките. А што се однесува до начинот на кој обичното „се слизнува" кон необичното, тешко е да се даде сеопфатна формула. Во секој случај, „обичното" треба да биде сервирано со добра доза на уверливост за да може читателот, кај кој со таа „обичност" сте стекнале веќе доверба, во еден миг да биде заведен и завлечен во вителот на фантастичното.
Клучен збор во вашите раскази е зборот „навидум" кој е всушност процепот во кој се спојуваат просторот што може да се спознае со разумот и неговиот метафизички двојник. Во вашите раскази овие простори постојано се испреплетуваат. Таков ли е и вашиот тек на свеста и перцепција на светот?
-Ако сакате допирот со ирационалното да биде ефект што се стремите да го постигнете со едно уметничко дело, не значи дека треба да се откажете од разумот. Освен во некоја куса песна или цртеж, кои настануваат миговно, во другите дела, колку и да се свртени кон трансцедентното и несознајното, мора да се внесе во голема мера рационална насоченост. Колку и да веруваме во силата на потсвеста, делото се создава со свест. Погледнете со колкава прецизност се насликани халуцинантните визии на Хиеронимус Бош или на Салвадор Дали, за кои обично велиме дека бликнуваат од потсвеста. Тоа не се секавични импровизации, тоа се слики што се создавани со многу пресметаност и размисла, низ еден долготраен процес на умствен и мануелен труд.
|
|