ИНТЕРВЈУ: ДРАГИ МИХАJЛОВСКИ, ПИСАТЕЛ И ПРЕВЕДУВАЧ
РАБОТЕТЕ ЧЕСНО ЗАШТО ТИЕ ПО ВАС ЌЕ ВИ СУДАТ
Малкумина современици ќе бидат запишани во големата книгата за македонската историја создавана во првите години на новиот милениум. Драги Михајловски, со приопштувањето на севкупното творештво на големиот Вилијам Шекспир на македонски јазик, но и со извонредното интелигентно писателско перо си обезбеди страници во неа. Читателите ги паметат „Речно улиште" (1981), „Ѓон" (1990), „Нераспнати богови" (1991), „Скок со стап" (1994), „Триполската капија" (1999), „Човекот од Дискантрија" и многу други, a театарџиите му се поклонуваат.
Kултурен подвиг, настан на деценијата и уште многу комплименти од стручната јавност (и не само од неа) беа упатени на капиталното дело „Сите драми и сонети" на Вилијам Шекспир првпат собрани во едно дело, а од Вас преведени на македонски. Kако ви се чини таа голема преведувачка работа сега кога е завршена, по која верувам сега си земавте малку оддишка?
Шекспир е најпосле завршен и донесен (освен неколку пократки песни и две подолги наративни поеми) на македонски. За мене тоа е завршена професионална работа и јас продолжувам понатаму како ништо да не се случило. Така беше и кога го завршив во 1995 година епот „Загубениот рај" (10.500 стихови) од Милтон, така беше кога го направив во 2010 година најстариот англосаксонски еп „Беовулф" (3.182 стиха), така е и сега кога ги завршив по многубројните пречки поради работата на другите преведувачки или изворни проекти „Сите драми и сонети" (околу 100.000 стихови) од Шекспир. Наградите од Сојузот на литературните преведувачи на Македонија (двапати „Григор Прличев" за едногодишно остварување во полето на преводот и еднаш „Kирил Пејчиновиќ" за преведувачки опус од англосаксонското подрачје) дојдоа како нормално признание по систематската повеќедецениска работа врз преводот, а не како резултат на трчање по нив и фаќање разноразни врски. Затоа ги ценам и ги сакам многу и ги чувам како скапоцено богатство во моите витрини.
Стравови од глобализацијата
Шекспир на македонски. Kолку тоа значи црвена точка во мапата на светските јазици во период на глобализација, во период на загрозеност на малите јазици? Оправдани ли се тие стравови што ни ги наметнуваат?
Една цивилизирана нација како нашата треба и заслужува да го има Шекспир на својот македонски јазик. Еден Фан Ноли, големиот албански преродбеник од дваесеттиот век и прв премиер на република Албанија, има преведено четири драми од Шекспир („Хамлет", „Магбет", „Kралот Лир" и „Јулиј Цезар") веројатно тргнувајќи од претпоставката дека Шекспир е потребен за кодификацијата на стандардниот албански јазик, нобеловецот Борис Пастернак, иако од други причини, сепак се нафатил да го преведува Шекспир на руски и успеал, освен „Хамлет", да направи уште неколку препеви на драми од англискиот бард. Така и јас, не само од лични, креативни причини, туку и од потребата за зачувување на нашиот т.н. мал јазик на мапата од светските јазици и за негово конечно утврдување, како и потврдување на неспорниот идентитет, се нафатив да го препеам Шекспир. Со многувековната изворна литература, како и со препевите и преводите на светски признатите литературни вредности (преку многубројните проекти на Министерството за култура, а особено 600-томската едицијата „Ѕвезди на светската книжевност"), со препевите на „Илијада", „Одисеја", „Гилгамеш", „Беовулф", „Енеида", „Загубениот рај", „Драмите и сонетите на Шекспир" и многу други, ние нема зошто да се плашиме за опстанокот на македонскиот јазик. Идентитетот, гаранција за опстанокот на една нација, не се гради со празни зборови, туку со дела.
Упатство како да се живее
Вашите раскази и романи публиката ги сака, а колегите ги почитуваат. Ако првите писателски дела се враќање во детството, дали сега, по доста напишани дела, значи дека на читателите ќе им ја понудите сегашноста или можеби иднината?
Се разбира. Она што сега го пишувам или сум го напишал во последните две-три години не е веќе враќање назад, туку обид да се напише упатство како сега и тука да се живее, да се направи отсликување на сегашноста без оглед каква е и што крие во себе и како да се влезе во иднината што станува с` посурова и посурова, особено за нас што треба да си одиме и да го оставиме светот со сите негови непренебрегливи законитости на помладите. Јас им порачувам: работете и работете чесно зашто многу бргу ќе дојдат други по вас и ќе ви судат не за она што сте го работеле, туку за она што сте го сработиле и како сте го сработиле.
Професор сте на Филолошкиот факултет, писател, преведувач. Се вртите ли понекогаш назад, правите ли резиме на сработеното, на животот?
Во последно време тоа с` почесто ми се случува. По секоја завршена книга, превод или завршен час. Се прашувам дали сум го дал максимумот или рутински сум ја завршил работата. Но утеха ми е дека секогаш, барем соочен со празната хартија или со оние мили лица на студентите што дошле нешто да научат, сум бил бескомпромисен и безмилосен кон себе. Секогаш и одново сум влегувал во борба со своите предрасуди за да ги надвладеам и да ги совладам и да го покажам скромно, но моќно она што сум го научил и уште го учам. Знам дека секогаш сум се држел до мотото: Работа и само работа, постојана и безмилосна, го одржуваат имиџот на еден совесен писател, преведувач или професор.
ЧИТАТЕЛОТ НЕ ГО ИНТЕРЕСИРА КАКО СТЕ ПИШУВАЛЕ КНИГА, ТУКУ ДАЛИ Е ИНТЕРЕСНА
Вашата творечка енергија ги освојува читателите на прва со својата отвореност, со својата луцидност, па по секоја прочитана реченица од Вашите дела се гради еден заемен однос на доверба, на сакање со ликовите во неа, кое не завршува со затворањето на корицата. Kолку енергијата (нека е и мислењето) на читателите има влијание врз Вашето творештво?
Kога пишувам, постојано ми е на ум постановката што ја изнесов во мојата книга „Раскази од шести кат" дека читателот е непосреден учесник во креативниот процес. Навистина, тој стои последен во тој креативен синџир, но со самото тоа не е и најневажен, туку, напротив, најважен. Него не го интересира низ какви маки минувал писателот за да стигне до она што како готов производ му го сервира, него не го интересираат преведувачките стратегии што преведувачот ги применил или, пак, слушателот како сте стигнале така и никако поинаку да го одржите часот - него единствено го интересираат резултатите, односно дали сервираното јадење е вкусно или невкусно. Оттука и мојот напор, освен оној што произлегува од самиот процес на пишување, секогаш да мислам и на оној последниот, на читателот, односно како да му се допаднам и да го заинтересирам за да не ми ја фрли книгата по првите две-три прочитани страници.
ЛилЈана ГрЏо Дамовска
(Дневник)
5 јануари 2014