Првпат на македонски се преведени дела од старата египетска литература, митологии, писмата од Ван Гог, романи од Солженицин, Шо, Грас, Музил, Борхес...
Нови 60 наслови од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност" беа промовирани денеска, со што досега се објавени 209 од предвидените 560 книги од овој капитален проект на Владата на Република Македонија.
Прв пат на македонски се преведени дела од старата египетска литература, митологии, писмата од Ван Гог, романи од Солженицин, Шо, Грас, Музил, Борхес, Едгар Алан По, Пруст, Зола, Томас Ман... Во подготовка се уште 60-ина други кои ќе бидат промовирани овој месец и со кој едицијата ќе достигне до половина, а до крајот на 2014 или почетокот на 2015 година се планира заокружување на целиот проект кој почна пред две години.
„Се работи за најзначајни дела во светската книжевност на сите времиња. Некои од нив се преведени многу поодамна на македонски јазик, но овој превод е далеку поквалитетен. Голем дел од нив прв пат се преведуваат на македонски јазик и тоа е од особено значење и за нашиот јазик, и за преведувачите, лекторите, издавачките куќи и, пред се', за читателите и љубителите на убавиот пишан збор", изјави премиерот Никола Груевски.
Во своето обраќање на четвртата промоција на дела од оваа едиција, тој посочи и на други издавачки проекти од културата и од образованието и додаде дека тој тренд на издавање најдобри дела ќе продолжи и во иднина. Најави дека се размислува за нови едиции, поврзани со светската поезија, мемоари, автобиографии и биографии на познати светски успешни личности во различни области.
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, истакна дека проектот „Ѕвезди на светската книжевност" е крупен чекор во етаблирањето на Република Македонија како држава која ги почитува и афирмира светските книжевни вредности и нивниот придонес во општиот цивилизациски развој. Главниот редактор на едицијата Митко Маџунков, исто така, се осврна на значењето на оваа едиција за македонскиот книжевен јазик, кој, како што рече, досега не бил докрај кодифициран во јазичната практика и зашто со неа се покажал потенцијалот на млада генерација преведувачи.
(Утрински Весник)
5 јануари 2014