Достана Караѓозоска-Станковска, колекционерка на народни носии и стари предмети за домаќинство
Киро Кипроски
„Љубовта на народните носии ми ја пренесоа моите родители, Томо и Љубица (Бислимовска) Караѓозоски, кои ги зачувале носиите во кои се венчале, на Петровден, 1950 година, во Галичник. Тие беа основачи и долги години учесници на културната манифестација „Галичка свадба", од почетокот. Родителите ми ја всадија љубовта кон Галичник, кон свадбарските обичаи и ритуали, кон традициите, кон културните и духовните вредности создавани со векови во најубавото место на планетата земја - Галичник. Со големи емоции и носталгија, со задоволство ни зборуваше за родниот Галичник, каде што ги направила првите чекори и научила да пишува и чита", раскажува Достана Караѓозоска-Станковска, магистер по економски науки, во нејзиниот дом во скопското село Булачани.
Родена во Галичник во средината на 1955 година, а од 1963 година постојано живее во Скопје. Како што вели, се' додека постои ќе ја памети и нема да ја заборави 1985 година, која била пресудна за да се определи да стане колекционер на народни носии, да ги проучува фолклорот, етнографијата, историјата на Галичник, на секоја педа на Македонија.
„Се сеќавам како тоа да се случи вчера, а не пред околу три децении. Не знам зашто, мајка ми не' собра сите три сестри и ни подари по еден заврз во бело платно во кој имаше по една галичка носија. И ни рече: „Еве, што сакате правете! Овие се ваши, вие берете им гајле". Во мојот заврз се наоѓаше ’калешата’, така се нарекуваше моделот на галичката носија, нејзиното невестинско руво. На сестра ми Светле и' ја даде ’срмената’, а на Софче, исто така, ’ калеша’, од баба ми Доста. Во тој миг, во мојата душа, се родија многу емоции и голема желба да собирам оригинални народни носии од сите краеви на Македонија, да се грижам, да ги чувам, да ги спасам да не исчезнат, да не ги заборавиме, да не' потсетуваат на нашето минато... бидејќи не' идентификуваат во светот и не' разликуваат од сите останати! Сакав на носиите кои исчезнуваа од нашата држава, да им го продолжам животот, да сочувам барем дел од оваа непроценливо, уникатно и многу вредно фолклорно богатство!
Тоа беше мотивот, што ме поттикна да почнам да собирам носии. Имав голема љубов, која по секоја купена носија стануваше се' посилна. Не можам да го замислам животот ако постојано не истражувам и не купувам оригинални носии. За првите носии ми помогна соседот Димко, кој работеше во скопската Железарница. Го замолив да ги праша колегите дали некој има народна носија за продажба. За некој ден ги купив првите две носии од Овчеполието. Три дена ги чував распослани на шестоседот. За 28 години успеав да соберам околу 150 носии од сите краеви на Македонија. Најголем број се женски - невестински, а во колекцијата имам машки и детски. Според слободна процена, имам вложено над 50.000 евра, некои од носиите ми се подарок од фамилијата.
Која носија е најстара и од кој крај?
-Поседувам неколку носии кои ми се посебно драги. Носијата на баба ми Доста Караѓозоска од Галичник, потоа носијата на бабата на мојот сопруг Крсте, Елена од с. Булачани, Скопско, носија на жената на учителот од с. Белица, Македонски Брод, доламата на мојот прадедо Василко Караѓозоски, која е постара од 100 години, како и невестинската кошула на баба Анѓа од с. Булачани, која никогаш не била облечена, како и срмениот клашник и на мајката на баба Ката од с. Зубовце, Гостиварско. Секако најдраги и многу стари се детските носии во кои се облекувале татко ми и мајка ми.
Што за Вас претставува собирањето народни носии?
-Не можам да опишам, но ја споредувам со љубовта на прв поглед. Поедноставно речено, што да видам, ако очите го забележат, срцето го посакува, сакам да биде мое! Понекогаш не прашувам ни за цената, првата средба со носијата ме остава без здив и заборавам на сите други обврски, само барам начин како да биде моја.
Кое е задоволството да се има толкав број на носии?
-Кога говорам за мојата колекција на носии нивниот број не ми значи, но задоволството расте се' повеќе со секоја нова носија. Последната носија отидов да ја купам во струшкото село Радожда. Сама се чудам како во лоши временски услови, постојано врнеше пороен дожд, видливоста намалена, одрони на патот, заминав за Радожда и не погрешив. Заморот од напорното возење по такви временски услови, кога пред мене на каучот со шарена престилка, видов куп стокмени носии од струшкиот крај. Се чудам како не ги зедов сите. Одбрав само една и со брзање излегов од старата куќа, од страв да не посегнам и по другите.
Како ги чувате носиите, како ги одржувате, да не бидат нападнати од молци и други штетници?
-Чувањето и одржувањето на толку многу народни носии е товар. Но, мене ми претставува тешкотија се' додека не ги извадам на сонце, а тоа го правам два пати во годината. Потоа ги вакумирам во вакуум-кеси и ги редам во сандаците и кофчезите на моите баби, кои се реликти, како и во плакари кои специјално ги направив за нив. Користам неколку техники за заштита од молци. Проблем ми претставува само перењето на некои кошули, поради боите кои се чувствителни на вода.