Дали имате помош од семејството?
-Најголема помош и подршка имам од сопругот Крсте, кој исто така е голем колекционер на поштенски марки и ја разбира мојата љубов кон колекционерството. Децата не ми помагаат, но не се лутат. На почетокот им пречеше мојата желба да одиме во некое село или некаде каде што ме канеа да видам некоја носија и не сакаа да ми прават друштво. Последниве години постојано ме прашуваат и се смеат до каде сум стигнала со отворањето на изложбата во Париз? Ако видат некоја носија или предмет, ми јавуваат. Синот Никола од Бурса ми донесе монистра и копии на стари пари и во шега кога ми ги подари ми рече: „Да не ти достасуваа за некоја носија за да ја достокмиш"! Не верувам дека моите носии еден ден ќе блеснат во витрините на некој изложбен салон. Синовите не се толку „загреани", но затоа снаите се на моја страна.
До сега не го споменавте подарокот од свекрвата?
-Добро ме потсетивте. Се разбира и свекрвата ми подари носија и тоа во јуни 2001 година, а еве како се случи тоа. На 3 мај 2001 година правевме свадба за мојот постар син Никола. Полна со емоции, утрото пред да тргнеме по невестата во Тетово, се облеков во невестинската носија на мајка ми, зет ми ми донесе сито, а сестрите го украсија со трендафили и гороцвеќе, а во него ставија леб, според обичаите на галичката свадба. Така дотерана ги чекав гостите со кои требаше да заминеме во Тетово. Имав и бокал со вино, се собраа сватовите, музиката почна да го свири „Свекрвиното оро". Срцето силно ми чукаше, чинам се делеше на половина. Пристигна свекрва ми и кога ме виде дотерана во галичката носија, почувствував дека како стрела да ја погоди. Не и' реков ништо, само ја прашав зошто не е весела, дочека внук да жени. Таа не можеше да ја скрие лутината и ми рече. „Невесто, сега требаше да ја облечеш нашата носија, свекрва си од Булачани!". Не сакав да си го расипам ќефот и и' реков дека оваа носија ми беше дома, имам и други, но од сите оваа ми е најдрага. Но некој немир остана да лебди во празниот простор над мојата глава, си мислев да не погрешив. Но, така ме водеа емоциите. По две недели од свадбата отидовме кај баба Благуња, така си ја викавме свекрва ми. Таа ме пречека подготвена со заврзок во бело, подврзано со црвен конец. Остро ми рече: „Немој да мислиш дека не сакам да ги облекуваш моите алишта. Ти купуваш секаде по селава и ги чуваш, еве и овие се од мојата свадба, земи ги и чувај ги. Твои се и да ги оставиш на Коки (син ми Никола, крстен на свекорот), само не заборавај дека уште сум лута што не се облече за свекрва во ова руво. Се насмевнав и и' ветив дека кога ќе го женам Љупчо (помалиот син) ќе се стокмам во нив. Речено сторено, за свадбата на Љупчо, со истото сито и истиот бокал со ново вино, ја облеков носијата на свекрва ми. Само жалев што таа не можеше да види дека останав на зборот.
Дали изработувате носии?
-Имам неколку успешни обиди. Изработив долама за првиот роденден на внука ми Ивана. Исто така, направив елек-раштак, како и машки елек од блатија, стара носија на баба ми ја реставрирав. Сите зафати беа успешни. Најголем успех постигнав со изработка на бечвите и зобанчето за внукот Огнен (син на мојата помала сестра), за да учествува на „Галичката свадба - 2004". Во слободното време, кое се' помалку го имам, повремено подработувам, правам женска долама на внука ми Мила. За посериозна работа немам време.
Дали вашата богата и разновидна колекција на народни носии е достапна на јавноста?
-За пошироката јавност моите носии никогаш не биле достапни, единствено ги покажувам и тоа понекогаш на моите најблиски роднини и пријатели, кога сакам да им објаснам колку е убава носијата или кога сакам да се пофалам дека имам носија токму од местото од каде што потекнуваат пријателите. Само внуките можат да ги гледаат кога сакаат. Ним со денови им раскажувам колку се убави носиите, колку била тешка нивната изработка, на овој начин им ја всадувам љубовта кон македонското народно творештво и верувам дека тие ќе ме наследат.
Покрај богата колекција на народни носии, кое претставува огромно национално богатство, дали собирате и други старини?
-Да. Најмногу предмети што се врзани за изработка на носиите, фурки, вретена, брда, мотовила, гребени, а во преговори сум да купам разбој. Исто така, имам богата колекција на бакарни тепсии, тигани, ѓугуми, котлиња, бутин, аван, карти, мангали, баланси, пегли на жар и сл...
Покров за носија
Создавањето на колекцијата на народни носии е макотрпна работа, исполнета со многу згоди и незгоди, со интересни случки, запознавам прекрасни луѓе, со нивни квалитети, судбини и доблести. Во селото Ораше, Велешко, пристигнав сретсело, никого не познавав. Во селската бакалница средовечен маж ме упати да појдам кај Лена или кај Секулица, кои имаат носии за продавање. Барајќи ги овие две жени, во двор пред една куќа, седеше баба, која плетеше чорапи. Побарав да ми помогне, да ми ги каже куќите на двете жени. Откако и' кажав зошто ги барам, ми рече „дека не треба никаде да одам, добро што мене ме сретна и ќе ми ги даде нејзините партали. Не сакам пари, ти ќе ми донесеш покров". Се чудев што ли сака бабава? Ја потпрашав, каков покров сака. Едно ќебе од поарните, да ме топли и два бели чаршава, еден за одоздола, еден за одозгора, дијалектот и' беше сличен со галичкиот. Молчев и се чудев што сака бабава. На крајо ми рече: „се договоривме и оди си не ти треба никој друг, дојди в недела и донеси ми го покровот, па ќе видиш што ќе ти дадам". Како што се договоривме следната недела се вратив со нарачката на баба Анѓа: ќебе „амбасадор", два единечни чаршави, бели со тантели на краевите и една навлака за перница, бела со бел вез. Кога влегов во куќата и ме виде, баба Анѓа со насмеано лице ми рече: „Ти не си човек, ти си ангел". Господ те донесе и ми ја исполни најголемата желба. Дали носиш торба, да ги собере парталиве од ковчегов да не ги гледам повеќе! Не верував на очиве, не знаев како да ги спакувам работите, бабата влезе во одајата и ми подаде два арна (волнени вреќи), во кои се собира волна, и тивко промрморе, еве овде се ќе збереш и замина.
Пролета повторно дојдов во село Ораше и прашав за баба Анѓа, ми рекоа дека умрела. За погребот била дотерана како грофица и почнав да плачам, кога и да се сетам на баба Анѓа, солзите сами ми течат.
За средбите со сопствениците на носиите, за начинот како доаѓам до нив, за пазарењето, за разделбата со сопствениците, можам да напишам многу романи.
Апликациите на носијата вредни и уникатни
Во колекцијата на Достана Карагозоска-Станковска се наоѓаат голем број на пафти, колани, срамачиња и друг вид додатоци на носиите, кои се уникатни, вредни и стари со векови. Во зависност од тоа за која носија станува збор и од кој крај е, апликациите се различни. Не само по изработката и по нивната вредност. Сепак, сите се привлечни, посебни, но мошне вредни и тешко можат да се најдат. Коланот и пафтата на галичката носија, како што ни рече Достана, што ги добила на подарок од мајка си се стари над 130 години. На коланот сребрените пари, се руски рубли на кои се втиснати годините 1877 и 1878.
(Утрински Весник)
5 јануари 2014