Празнина КОЈА сјае: Македонија Thursday, 2024-11-28, 4:13 AM
Welcome Guest | RSS
Main | Православен календар | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Култура [129]
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » Православен календар » Култура » Култура

    Фотографот од Лазарополе, сепак, стигна до Виена

    Фотографот од Лазарополе, сепак, стигна до Виена

     

    Годинава фотографската ризница на Евстатие Јолески ќе биде презентирана во Скопје, а се најавува и фотомонографија

    Катерина Богоева 

    Евстатие Јолески, името на овој несекојдневен човек од Лазарополе, го знаат најмногу луѓето од Мијачијата, но тоа во изминативе 14 години, преку неговите фотографии, стигна и до неколку важни дестинации во светот. 

    Наместо да си ја исполни својата желба, да замине за Виена на студии по медицина, тој ја исполнил желбата на татка си, печалбар во Софија, да се врати во родното Лазарополе и таму да направи нова куќа. Но, не само што направил куќа, туку и фотографско студио на почетокот на минатиот век, каде што доаѓале на фотографирање жителите на Мијачијата. Евстатие Јолески е познат и како еден од иницијаторите за подигање на тогашното ново училиште во селото, за изградба на водоводот. „Татко ми не бил фотограф, туку од љубов се занимавал со фотографија и се обидел да ги регистрира сите случувања, не само во Лазарополе, туку во Мијачијата, во Тресонче, Галичник, во Гари", вели Стамат Јолески, еден од синовите на Евстатие што живее во Скопје. 

    Но, фотографското творештвото на неговиот татко Евстатие, директор на Македонскиот центар за фотографија, Роберт Јанкулоски го смета за дел од македонското културно наследство, ризница од каде што се црпат податоци за македонската историја. Таа значајна ризница Центарот и Кинотека на Македонија планираат годинава да ја презентираат на заедничка изложба, а воедно да објават и фотомонографија со избрани дела на фотографот од Лазарополе. За таа цел, Јанкулоски пред две години почна да ги дигитализира негативите, стаклените плочи на Евстатие Јолески, кои се чуваат во депото на Кинотека. Тој за фотографиите на Евстатие слушнал од неговиот внук од брат, Славе Јолески, пред петнаесеттина години кога го работел проектот „Стара македонска фотографија". „По неколкунеделно договарање, двајцата отидовме во Лазарополе да ги донесеме стаклените плочи од куќата на Јолевци. Тоа беше дрвен сандак преполн со оригинални кутии од стаклени плочи во кои беа сместени негативите на Евстатие. Сандакот беше претежок, па моравме да го испразниме повеќе од половина, а остатокот кутија по кутија да го натовариме во кинотечниот автомобил. Уште при отворањето, отворив неколку кутии за да проверам за какви фотографии станува збор. Едвај издржав до следното утро и иако беше викенд, отидов во Кинотека и нестрпливо ги разгледав скоро сите негативи кои по броењето утврдивме дека се повеќе од 700 единици. Мал број беа целосно уништени од влага, а останатите беа во одлична состојба, имајќи предвид дека некои од нив се снимени пред осум децении. Подоцна ги запознав и синовите на Евстатие, Стамат и Стефан, со кои станавме добри пријатели. Тие ми донесоа и други материјали снимени од Евстатие што ги чувале во семејната архива. Тоа се стаклени плочи и фотографии изработени од самиот Стате, како што го викале пријателите, во времето кога се снимени". Фотографиите се со различна тематика, но, вели Јанкулоски, доминира портретната фотографија, најчесто фигури и групни фотографии. „Тука се и неизбежните свадбени фотографии, како и фотографии од погреби. Исто така, има и фотографии со мотиви од Лазарополе, Галичник и од околните села во кои Евстатие најчесто фотографирал. Интересно е тоа што вакви фотографии се направени во село на самиот почеток на 20 век, но во тоа време, посебно во триесеттите години на минатиот век, овој крај бил доста развиен. Се водел еден вид градски живот исполнет со сите удобности што ги носи ’современото’ живеење", вели Роберт Јанкулоски, кој сметајќи ги овие фотографии за битен сегмент во историјата на македонската фотографија, се обидува на различен начин да ги популаризира, а преку нив и самиот фотограф. Јанкулоски во 2000 година првпат изложи фотографија од Евстатие како дел од својата фотоинсталација „12 сребрени војници" по што некој од домашните историчари на уметноста почнаа да го споменуваат Јолески како дел од старата македонска фотографија. Фотографии на Евстатие како дел од неколку избрани стари фотографии, заедно со свои, Јанкулоски презентираше на изложба во Виена, во 2006 година во галеријата „Арт поинт" во рамките на Европскиот месец на фотографија, по што следуваа изложби со фотографии од Евстатие Јолески и во Европскиот парламент во Брисел, во галеријата на Македонскиот центар во Њујорк. „Негови фотографии беа претставени на повеќе презентации и конференции во Швајцарија, Србија, Словачка и на други места", посочи Роберт Јанкулоски.

    Стамат, заедно со својот брат, Стефан Јолески, издале досега неколку книги посветени на татка си. Автор на книгата „Евстатие Јолески (1891 -1938) – живот и дело" е Блаже Смилевски, а на „Патот и желбите на Мијакот од Лазарополе", Ристе Јоскоски, кој е автор и на „Виделина", книга во која освен црно-бели фотографии од Евстатие, се поместени и неколку фотографии во боја од полињата со нарциси во Лазарополе, снимени од неговата правнука, Теодора. Таа, вели Стамат, на возраст од 17 години покажува голем афинитет кон фотографирањето. „И јас едно време се занимавав со фотографија во Цементарница каде што работев и го снимав целиот развој на фабриката", вели Стамат, кој, роден во 1930 година, на својот татко се сеќава многу малку, само по кажувањата на другите. Вели дека до денес меморијата единствено му ја зачувала сликата на Евстатие во мртовечки сандак, а околу него јаглики и босилек. Стамат смета дека веројатно неговата мајка, Донка, се погрижила откриените стаклени плочи да бидат скриени во урнатата стара куќа. „Татко ми сакал да студира во Виена, но тогаш дедо ми, кој бил доста богат и живееле во Софија (половина од фамилијата на Јолевци е во Софија, а другата во Лазарополе), видел дека татко ми е претприемчив и му дал пари да оди во Лазарополе да направи нова куќа. Ја направил куќата, а кога таа била завршена, починал, во пролетта 1938 година. Почнал да фотографира од 1906 година кога и го добил фотоапаратот, камерата од брат од мојата стрина Елена од Софија. Камерата сега се наоѓа во Македонскиот центар за фотографија и има многу квалитетен објектив. Татко ми имал чувство за фотографија, бил доста напреден човек, дури учествувал и во трасирањето на сегашниот пат до Лазарополе. 

    „Во старата куќа во Лазарополе имаше ателје за развивање слики, тој ги декорирал и заднините кога фотографирал, ставал масичка, по некоја јамболија", вели Стамат, кој со многу гордост и нежност во гласот деновиве пред Нова година се сеќаваше дека куќата во Лазарополе била исполнета со фотографии што ги снимал токму татко му.

       (Утрински Весник)
        6 јануари 2014
    Rating: 0.0/0
    Views: 476 | Added by: Вељанко
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024