И во овие два тома доаѓа до израз полемичкиот дух на Павле Раковски, карактеристичен за неговите мемоарски записи и анализи, при што, борејќи се со силата на аргументите, се залага за праведноста и вистината. Неговиот полемичен тон преминува во глас на протест, при што отворено посочува и обвинува – и за лагите и за манипулациите со историските факти и за штетите што му се направени на македонското народноослободително движење од страна на грчките комунисти, но и од страна на македонските борци и раководители кои паднале под нивно влијание и како Македонци вршат антимакедонски дејства.
Со својата полемичност и критичност, Раковски на лагите им се спротивставува со фактите. Аргументите ги изнесува отворено и документирано, како непосреден сведок и еден од главните организатори на македонското народноослободително движење во Егејска Македонија во Втората светска војна и за време на Граѓанската војна во Грција. Раководителите на тоа движење подоцна се поделени и спротивставени, честопати и непријателски насочени, а во таквата ситуација Раковски станува жртва. Во таква улога полемизира, но и компетентно ги анализира настаните во тој период, информира „Македоника".
Павле Раковски (1913, с. Д. Клештина, Леринско – 1990 година, Скопје) е еден од најистакнатите македонски првоборци и раководители на НОФ во Егејска Македонија. По негова иницијатива е формиран Воденскиот македонски баталјон во рамките на ЕЛАС, составен исклучиво од македонски борци, а е коавтор на македонска азбука од 24 букви, на која се напишани прогласите до македонскиот народ во Воденско, песни и маршот на Воденскиот баталјон. Тој е еден од основачите на македонската организација ТОМО.
(МКД)
8 јануари 2014