Досега се објавени 269 од предвидените 560 книги од овој капитален проект на Владата на Република Македонија
Нови 60 наслови од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност" беа промовирани денеска, со што досега се објавени 269 од предвидените 560 книги од овој капитален проект на Владата на Република Македонија.
Првпат на македонски се преведени дела од старата египетска литература, митологии, писмата од Ван Гог, романи од Солженицин, Шо, Грас, Музил, Борхес, Едгар Алан По, Пруст, Зола, Томас Ман... До крајот на оваа или почетокот на 2015 се планира заокружување на целиот проект кој почна пред две години.
„Она што проектот ’Ѕвезди на светската книжевност‘ го издвојува од сличните вакви едиции е неговиот обем и жанровска сеопфатност. Антологијата опфаќа 560 дела не само од областа на светската белетристика, туку и впечатлив број на есеи, патописи, мемоари, како и класици на филозофијата, епистоларната литература и естетиката. Благодарение на овој проект македонската публика ќе може на мајчин јазик да ги чита Блејк, Песоа, Музил, Борхес и Мопасан", рече премиерот Никола Груевски.
Од промовираните книги, тој ги издвои „Книга за Јов", „Псалмите Давидови", Хомеровата „Одисеја", „Дон Кихот" и „Црно Јагне и Сив сокол" од Ребека Вест.
Објавувањето на овие преводи на дела од светската литература, според министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, претставува континуитет во заложбите да го збогатиме македонскиот книжевен корпус и да им се овозможи на македонските граѓани да ги надградат и прошират своите сознанија во духот со најдобрите традиции на светската и европската цивилизација.
Главниот редактор на едицијата Митко Маџунков се осврна на значењето на оваа едиција за македонскиот книжевен јазик, кој, како што рече, досега не бил докрај кодифициран во јазичната практика. Нагласи дека проектот е исклучително важен за културата и досега најважен за афирмација на нашиот јазик. (С.У.)
(Утрински Весник)
26 јануари 2014