Како што во писателската кариера на Чехов може да се одделат три фази: 1. Чехонте, автор на хуморески, 2. „Сериозниот" Чехов, писателот на „вистински" раскази и новели и 3. драматургот Чехов, така и во многубројните сеќавања за Чехов од неговите современици-писатели, понепознати писатели, пишувачи-аматери - е видлива разликата во описите на неговиот лик, однесување и расположенија: 1. младоликиот сангвиничен Чехов, ведар и разигран, безгрижен кон невниманието на критиката, 2. (сепак благо) колеричниот Чехов, сѐ попознат и пореспектиран, со иронични искри и досетки и 3. меланхоличниот Чехов, свесен за блискиот крај. Сѐ оди дури дотаму што фазите цврсто хронолошки се определуваат: втората фаза почнува од 1887-та, по печатењето на „Шарените раскази", третата од 1896 г., со премиерата на „Галеб" (иако „Иванов", својата првата драма, ја напишал 1887 г.). Ваквото хронолошко-психолошко портретирање може да личи на поделбата што многу подоцна канадскиот книжевен теоретичар Нортроп Фрај ќе ја именува како „архетипска книжевна критика". Соодветно на менувањето на годишните сезони: пролет-лето-есен-зима, во литературата, според Фрај, на национален, јазичен, поетски план се менуваат доминантните книжевни жанрови. Така, и во творештвото на Чехов фазите на неговиот животен пат (лето, есен, зима) се совпаѓаат со доминантните жанрови во неговото творештво (хумореска, расказ и новела, драма).
Но сепак, и за среќа, ваквото поедноставено делење на неговата литература, колку на прв поглед да изгледа точно, набргу се губи (станува неважно) со секое повторно читање. Без оглед дали се работи за хумореска, расказ, новела или драмски текст, Чехов во својата привидна едноставност е едноставно несводлив. Поради моцартовската леснотија на стилот, сѐ уште постои убеденост дека Чехов брзо и без напор пишувал. Можеби така било во почетокот, кога морал да заработува заради секојдневното издржување на семејството, но подоцна, кога станал материјално понезависен и едновремено се „устоличил" во литературата, Чехов доста долго и со преправки работел врз своите ракописи.
На прозата на Чехов ѝ требало извесно време да биде признаена од критиката, но читателската публика многу побрзо ја прифатила и ја засакала. Тој негов интерес за таканаречениот „мал човек", мајсторството во доловувањето на животните дреболии, низ кои, и кога е духовит и кога е „отровно тажен" (Корољенко), провејува симпатија кон човековата природа, бил потврден и низ односите со неговите блиски и современиците. „Чехов в воспоминиах современников" („Чехов во спомените на современиците"), издадена во Москва 1954 г., по повод 50-годишнината од смртта на авторот, е една од најубавите, најдоживеани книги што за еден писател ја напишале неговите колеги, неговите блиски пријатели и пријателки, членовите на семејството. Пишувајќи за своето дружење со големиот мајстор на расказот, тие како и самите да биле креативно инспирирани од можноста што лично го познавале. Книгата се чита со возбуда како да станува збор за одлична збирка раскази. Со еден главен јунак, Антон Павлович. Омиленоста што тој ја добивал кај своите современици просто избива од нивните сеќавања.
Во сеќавањата често се истакнуваат, без оглед на која возраст е Чехов, неговата лежерност, неоптовареност и внатрешна слобода. „Покрај Антон Павлович, секој човек без намера се чувствуваше поедноставено, повистинито, повеќе свој" (Горки). „А јас сега од дното на душата тврдам дека тој беше човек со ретко благородна душа, воспитување и благост - во најдобрата смисла на зборот - мек и деликатен, а во исто време необично искрен и едноставен, чувствителен и нежен, необично вистинољубив" (Буњин).
Интересна е како пак големата љубов и страхопочит што, од своја страна, авторот на „Степа", „Павилјонот број 6", „Дамата со кученце", „Вујко Вања" ги чувствувал кон Лав Толстој, иако творецот на „Ана Карењина" поседувал доста незгоден карактер - зајадлив, самољубив, со енормна ментална (но и физичка) енергија. За тоа колкава била таа приврзаност сведочат, меѓу другите, Горки и Буњин. „За Толстој говореше секој пат со некаква особена, едвај забележлива, нежна и збунета насмевка во очите, стивнувајќи го гласот, како да зборува за некое привидение, за нешто таинствено што изискува зборови внимателни и благи" (Горки). „И речиси цел еден час решаваше со какви панталони да го посети Толстој. Ги симна цвикерите, се подмлади и мешајќи ги, по свој обичај, шегата со вистината, постојано излегуваше од спалната де во едните, де во другите панталони: - Не, овие се непристојно тесни! Ќе помисли - пискарало! И одеше да ги облече другите и повторно ќе излезеше, смеејќи се: - А овие се широки. Ќе помисли - прчло!" (Буњин). Разбирливо е што кон неприкосновениот авторитет на Лав Николаевич, најпочитуваниот руски писател во животот на Чехов, освен тоа три децении постар, Антон Павлович чувствуваше нескриена восхит, најпрвин кон неговото дело, но и кон него како човек - фасциниран од неговата огромна виталност.
(продолжува) | |