|
Чехов и современиците (2)
Чехов и современиците (2)Антиупатства за лична употребаДури постои мислење дека поради свесноста за моќната романескна визија во „Војна и мир" и во „Ана Карењина" Чехов не се осмелил да напише роман. Многу поизвесно е дека Чехов го одбрал жанрот на расказот како најсоодветен за својот раскажувачки гениј - точен и суптилен, духовит и неочекуван, без големи воведи и одење во ширина.
Што се однесува до Толстој, тој, според сведоштвата на очевидците, го прифаќал Чехов со надмоќна покровителска симпатија. Ги сакал неговите раскази, „напишани од недостигнат уметник на животот, од вистински Русин" (по ваквата пофалба, Чехов ќе поруменел како девојка), во дневникот запишал дека „се гордее што го сака Чехов", но напротив, иако редовно доаѓал на претставите, за драмите имал лоша оценка. Слично мислење за театарот на Чехов имал и цитираниот Иван Буњин, првиот руски писател добитник на Нобеловата награда, авторот на „Село" и „Животот на Арсењев": „За тие многу работи, навистина прекрасни, што ги создал, јас Чехов го вбројувам меѓу најголемите руски писатели, но неговите театарски пиеси не ги сакам". Ваквите забелешки на Буњин, од типот на онаа дека на имотите на руските благородници немало вишнови градини, туку само одделни дрвја вишна, денес звучат навистина малку бизарно. Како и кај расказите, и драмите на Чехов барале извесна почетна адаптација од страна на публиката и критиката. Добар показен пример за тоа е премиерата на „Галеб", на 17 октомври 1896 г., која доживеала комплетен дебакл. Драмската структура, расплетувањето на драмските слоеви меѓу текстот и поттекстот, како и режисерското читање на Станиславски, биле над тогашното рецептивно ниво на очекување, навикнато на традиционалниот театар. Може да се каже дека Чехов, во текот на целата своја писателска кариера, почнувајќи од „невините" хуморески до „Вишновата градина" дејствувал врз издигање на рецептивното ниво на своите читатели и гледачи. Како впрочем и ден-денес. * * * Интересно дека расказите на Чехов биле и се омилено четиво за различни возрасти и слоеви читатели. Ги читаа со радост и мојот дедо и моите ќерки. Крај воланот на таксистот Гоце стојат „Избраните раскази" на Чехов. За писателите и да не зборуваме: без оглед дали се работи за романсиери со десетина романи зад себе или дебитанти со една книга и голем број планови, за државни лауреати или непризнаени гении, за академици или студенти - спомнување на Чехов предизвикува буица инспирирани реченици за „неспоредливиот мајстор на расказот". Посебни се нежноста и огромната симпатија со која женските читатели зборуваат за Чехов. Од спомените на неговите современици, особено современички, се гледа дека и тогаш, за време на животот, тој им се допаѓал на жените. И обратно.
И немирниот маж, режисерот Немирович-Данченко, признава дека Чехов имал „голем успех кај жените". Женските ликови во неговата проза и драми се во широка, разнолика психолошко-социјална палета: Жења од „Дом со мезанин", Варвара, Аксиња и Липа од „Увала", Ванда од „Познат маж", Јулија од „Три години", Катја од „Јонич", Ана Сергеевна од „Дама со кученце", Нина, Аркадина и Заречна од „Галеб", Јелена Андреевна и Соња од „Вујко Вања"… долг е, долг списокот на неговите жени-јунаци, различни и слични, но секогаш живи! Она што ја одликува раскажувачката постапка на Чехов е непристрасноста, па затоа кај него личностите не можат да се поделат на добри и лоши. Видливи се само нијансите, но и тие се менуваат од страница на страница. Така, и кога ги пишува најранливите, најженствени свои ликови, Чехов во секој случај не ги идеализира! Без оглед во кој период од своето творештво, како одличен познавач на човековата, вклучувајќи ја и женската психологија, тој со не многу зборови умее да ги долови женската дволичност, пресметливост и привидна наивност. Како впрочем и кај машките ликови - алчноста, безволноста, суровоста.
Во животот, пак, Чехов, според изјавата на Зинаида Хипиус, „нормално ѝ се удварал на жената што би му се допаднала". Но долго се мислело дека во животот на Чехов не постоела голема љубов. Со актерката Олга Книпер се запознал по пробата на „Галеб" во постановка на Станиславски (онаа успешната) во септември 1898 г. Иако писмата на Чехов до Олга (духовити, би рекол „зафркантски", какви тој инаку умеел често да пишува) се цитираат и објавуваат во избори од типот „најубави љубовни писма на познатите", не би можело да се каже дека во нивната врска владеела нераскинлива љубов. Заедно беа последните шест години од животот на писателот, во брак последните три, кога, според зборовите на самата Книпер, Чехов слабееше физички и јакнеше духовно. Буњин мисли дека нивната женидба претставува бавно самоубиство за Чехов - смртоносно болен (како лекар, тој тоа најдобро го знаеше), со долги разделби (тој во Јалта, таа во Москва), нивната врска била повеќе како меѓу независен пациент и повремена болничарка отколку како меѓу љубовници. За право на вистината, Олга Книпер била таа што на 2 јули 1904 г., во големиот хотел во Баден-Вајлер, останала до последниот миг, заедно со сестрата Марија, крај умирачкиот писател: „Дојде лекарот и нареди на болниот да му се даде шампањско". Антон Павлович се подигна и некако значајно, гласно, му рече на лекарот на германски (тој многу слабо знаеше германски): „Ich sterbe" („Умирам"). Потоа ја зеде чашата, го сврте лицето кон мене, се насмевна со својата прекрасна насмевка и рече: „Одамна не сум пиел шампањско", па спокојно го испи до дното, тивко легна на левата страна и наскоро замолчи засекогаш… Страшната тишина на ноќта ја нарушуваше само огромната црна пеперутка што како ветер влета во собата, удираше со крилјата по електричните светилки и прелетуваше низ собата. Книпер раскажува дека само неколку часа пред смртта Чехов ја засмејувал со приказната за дебелите американски и британски гости на хотелот што стрвно чекаат обилна вечера, но во меѓувреме готвачот побегнал, па вечера нема! Многу подоцна, последните сцени од животот на Чехов беа впечатливо книжевно обработени во расказот „Ерранд" („Нарачка") на Рејмонд Карвер, од гледна точка на младиот збунет хотелски портир. Воопшто, завршетокот на животот на Антон Павлович личи, во преплетувањето на жалното и смешното, на некој од неговите раскази. По смртта во Германија, мртвото тело на писателот требало со воз да биде пренесено до Москва, и таму стигнало, но како? Горки сведочи: „Ковчегот со писателот, кого Москва толку ’нежно го сакаше’ го донесоа во некаков зелен вагон, на чија врата стоеше натпис со крупни букви: ’За остриги’. Еден дел од малата група луѓе што се собраа на станицата за да го дочекаат писателот, појде по ковчегот на генералот Келер, кој беше донесен од Манџурија, и многу се зачудија што Чехов го погребуваат со оркестар со воена музика".
(продолжува)
| | | | Автор: АлександарПрокопиев |
|
|
|
Views: 493
| Added by: Вељанко
|
|
|