|
Чехов и современиците (3)
Чехов и современиците (3)Антиупатства за лична употребаКолку за книжевниот дострел на еден писател се неважни потеклото и семејното стебло толку тие стануваат важни за некоја животна ситуираност што му обезбедува непречена посветеност кон пишувањето. Богатиот писател, негуван, патуван и со солидна имотна поткрепа секако дека е во повластена состојба во однос на сиромашниот, кој од најраната младост мора да се бори за сопствената егзистенција и за онаа на неговото семејство. Кога во тој поглед би ги одделиле големите прозаисти на 19 век, од една страна би биле Тургењев, Толстој, Флобер, Вајлд…, од друга Дикенс, Марк Твен, О’Хенри и… Чехов.
Тој, навистина, добро се намачил за буквално, со години, да ги прехранува своите. Како најстар син, внук на ослободен кмет, уште од раната младост ја презема улогата на возрасен, подоцна и на хранител на семејството. Мора како ученик да чиракува во татковата бакалница, според сеќавањата на братот Александар, мачно и под своевидна тортура на татко си. Во студениот дуќан, мора, „со ватирано гимназиско палто и искинати кожени калјачи" да ги служи полупијаните муштерии, ситните житарски препродавачи. Можеби таму, зад импровизираниот пулт на провинциската бакалница, среде сите свои маки, Чехов почнал да го изострува слухот за да го дофати мигот, ситуацијата, кога по неколку испиени чашки ракија се отвораат индивидуализираните приказни на „малите луѓе".
Хуманоста на Чехов е видлива и од неговата лекарска практика кога во Мелихово на сиромашните пациенти им помагал без надомест и ги лекувал од колера, и подоцна, кога веќе не работел како лекар, кај него доаѓале болни за помош (иако некои од нив не ни знаеле дека е писател), а особено од престојот на далечниот остров во северниот Пацифик, Сахалин, во 1890 г., за да го истражи животот во затвореничката колонија на овој голем студен остров на далечниот Исток и во исцрпниот извештај „Островот Сахалин" да ја разоткрие сета суровост на казнениот режим. Може ли, во тој контекст, да се зборува за определен политички став на Чехов кон стварноста што во тогашната царска Русија навестувала дека се ближи крајот на империјата? И не сакајќи, помислуваме дека е добро што не ги доживеал сите оние бурни сурови настани што ќе следуваат по неговата смрт. Писател како Чехов асоцира на аполитичност, на „слобода од секоја партијност" (Зинаида Хипиус), тој не критикува, не морализира, оттука споредбата на Толстој (кој понекогаш е склон кон морализирање) меѓу книжевноста на Чехов и францускиот ликовен импресионизам се чини сосема адекватна. Но, од друга страна, извештајот од Сахалин, поддршката на Зола во аферата „Драјфус", откажување од академската титула како солидарност со Горки, кој бил одбиен за членство во академијата поради политички причини - се аргументи што покажуваат дека тој не бил писател што би се изолирал во својот свет. Освен изразитата психолошка дарба во портретирањето на своите јунаци, Чехов поседува прецизен осет за нивните социјални мотивации. Ако би било претерано по секоја цена да се бараат ангажираните намери во неговото творештво, тогаш е исто така погрешно тоа да се затвора во симболистичкиот кафез. Откако татко му банкротира, бакалницата пропаѓа и родната куќа се продава, семејството се сели во Москва. Антон останува во Таганрог да заврши гимназија, како потстанар во родната куќа. Потоа се придружува кон семејството и како студент по медицина почнува да пишува кратки хуморески за московските булеварски весници под псевдонимот „Антоша Чехонте". Таткото Павел, мајката Евгенија, сестрата Марија и браќата Александар и Михаил директно зависат од приходите на Антоша: по осум копејки за секој напишан ред, над сто хуморески за година. И додека работи како лекар, Чехов постојано мисли и заработува за своите. Иако адресите на живеалиштата се менувале, во домот (поточно домовите) владеела, според кажувањата на современиците, топла и блиска атмосфера. Оваа идилична слика на семејството Чехови сепак има свои пукнатинки: старите родители, братот Николај, талентиран, но недокажан сликар, кој умира млад, во 1889-та, сестрата Маша, која останува немажена за да се грижи за него, селидбите на купениот имот во Мелихово, потоа на Јалта, каде што Чехов гради куќа - сите тие постојани грижи, поврзани со неизлечивата болест што напредува („Во млазот крв што потекува од грлото има нешто злокобно, како во отсјајот на пожарот") го отежнуваат секојдневниот живот на писателот. Со текот на времето и со пробивот на Чехов како писател и драмски автор, финансиската состојба на семејството се стабилизира, но смртта од туберкулоза пристигнува прерано, на негови 44 години.
* * *
„Не умеам да пишувам долги работи" - ова признание на Чехов често се зема здраво за готово како доказ што тој не успеал да напише роман. Но дури и во таква неважна, квантитативна смисла, неговите новели и драми не можат да се сметаат за кратки. Во оваа книга, во изборот преведени новели, се наоѓаат „Степа", „Двобој", „Приказна за непознатиот човек", „Три години", „Павилјон број 6" и „Здодевна приказна" - сите подолги од 50 страници. Нивното создавање, како што веќе реков, било со месеци, многу побавно и помакотрпно од она на Чехонте-хумореските и, несомнено, со поголема писателска амбиција. Во писмото до Суворин, од декември 1896 г., Чехов рекол: „Ве молам најпрвин да направите да се отпечати ’Вујко Вања’. Откако ќе го прочитам, ќе можам да решам дали е доволно добар од него да направам краток роман. Зошто пишувам драми, а не кратки романи?". По пишувањето и успехот на „Степа", од која се воодушевени не само литератите туку и големите руски автори од другите уметности, како сликарот Рјепин и композиторот Чајковски (кој од Чехов барал согласност да напише опера врз мотивите од новелата, а пак овој му го посветил расказот „Намќорести луѓе"), Чехов имал намера да напише роман, за што сведочи неговата преписка со пријателите. На брат му Александар дури му ја најавува работата на идниот роман, на Григорович, кој е можеби решавачкиот во поткрепата да се посвети на литературата и „повеќе да ја почитува својата книжевна дарба", му соопштува дека „својот прекинат роман ќе го продолжи налето". Но, наместо да го заврши замислениот роман, Чехов се посветува на создавањето драми, со кои ја обогатува и облагородува светската драматургија со неколку ремек-дела. Интересно е дека и „Степа" требала да биде првиот дел од замислените два, од кои вториот никогаш не е напишан. Токму во тој период Чехов почнува сериозно да страда од туберкулоза.
(продолжува) | | | | Автор: АлександарПрокопиев |
|
|
|
Views: 202
| Added by: Вељанко
|
|
|