На поетот Иван Василевски ќе му биде врачена Повелбата за најдобра поема, за „Азбукословецот"
Охрид - Со традиционалната манифестација „Прличеви беседи", на 5 и 6 февруари, охриѓани и македонската културна и општествена јавност му одаваат достојна почит на знаменитиот автор од македонската преродба, ловороносецот од Атина, Григор Ставрев Прличев. Централен настан на манифестацијата „Прличеви беседи", на 5 февруари, ќе биде врачувањето на Повелбата за најдобра поема за 2013 година - „Азбукословецот" на лауреатот Иван Василевски, победникот од 21. Конкурс за најдобра поема испратена под шифрата „Аз-буки", а посветена на свети Климент и на азбуката.
Организатор на конкурсот е редакцијата „Детска радост", во соработка со Центарот за култура „Григор Прличев" од Охрид, а на него пристигнаа 19 поеми во ракопис на македонски литературен јазик. Во потесниот избор влегоа и поемите: „Сенка на векот", „Седмиот ден", „Лудобилје" и „Цветот од Белица", додека трудовите ги оценуваше жири во состав: Милован Стефановски - претседател, Бранко Цветкоски и Иван Чаповски - членови.
Настанот ќе биде збогатен со обраќање на авторот Иван Василевски, настап на хорот при НУ Центар за култура „Григор Прличев", изложба на ликовни дела од колекцијата на оваа установа, претставување и артистичка изведба на наградената поема.
Иван Василевски е роден во 1947 година, во село Босилово, Струмичко. Автор е на поетските книги: „Привев во тишината", „Црнорисци", „Куќа на ѕвездите", „Заточени души", „Кула во сонот" и „Утки", за која ја има добиено наградата „Ацо Шопов" на ДПМ. „Азбукословецот", која се закити со престижната награда „Григор Прличев" е негова шеста поема. Претходно ги има напишано поемите: „Наташа", „Повеј во тишината", „Александар", „Петнаесетте" и „Потомците на Чрт", од кои последните четири се објавени и во посебна книга „Одмеѓување на светот".
„Не го кријам моето воодушевување", вели за „Утрински весник" наградениот автор Василевски. „Прво, затоа што го носи името на големиот Григор Прличев, добитникот на лавровиот венец за поемата ’Сердарот‘ во Атина. Второ, од почетокот на моето творештво истовремено пишувам песни, но и поеми и, трето, затоа што ова ми е петти пат со петта поема да конкурирам на конкурсот на ’Просветно дело‘ и ’Детска радост‘ и, еве, не трета среќа, туку петта за мене, по што ја добив наградата".
Манифестацијата „Прличеви беседи 2014" ќе продолжи и на 6 февруари со полагање цвеќе пред спомен-обележјето и гробот на Григор Прличев, со традиционалната Прличева визита, како и посета на Спомен-куќата, донација на македонскиот бизнисмен Минчо Јорданов. (В.М.)
(Утрински Весник)
3 февруари 2014