Нова продажна галерија и покрај стагнацијата
Во период на стагнација на продажбата на ликовни дела и на затворањето повеќе приватни галерии поради неможност за опстанок, Скопје доби нов приватен галериски простор, чија примарна цел е продажбата на слики, но и да ја привлече ликовната публика преку разни изложби и настани поврзани со оваа дејност. Станува збор за галеријата „Арте", лоцирана во центарот на градот.
- Нашата цел е повторно да ја анимираме ликовната публика со поголема ангажираност и со соработка со сите генерации уметници, но и преку следење на светските трендови во областа на уметноста. Покрај продажбата на дела, во галеријата „Арте" ќе има изложби и разни настани од ликовната уметност во текот на целата година и овој простор ќе биде едно ново катче за уметниците - вели Светлана Митрева-Анѓелова, сопственичка на галеријата „Арте".
Галеријата беше отворена во присуство на повеќе уметници и почитувачи на ликовната уметност, со изложба на дела од претставниците на современото сликарство, насловена „Генерации". Изложени се делата на Никола Мартиноски, Вангел Коџоман, Димитар Кондовски, Миле, Рубенс и Михаил Корубин, Ванчо Ѓеоргиев, Јован Петров, Ана Темкова, Ацо Ристески, Доне Миљановски, Свето Манев, Данчо Кал’чев, Стефан Хаџи-Николов, Станко Георгиев, Ванчо Јаков, Горјан Ѓеоргиев и Анета Ивановска, сите во сопственост на галеријата „Арте".
- Од оваа поставка само поновите слики ќе бидат ставени на продажба. Покрај тоа, во нашата галерија ќе се продаваат дела што сметаме дека ќе поминат одлично на пазарот, независно дали се домашни или странски уметници. Секој уметник е добредојден во нашата галерија за соработка - вели Митрева-Анѓелова.
Цената на делата ќе се одредува според репутацијата на авторот, периодот кога е направено делото, степенот на зачуваноста, како и од побарувачката.
Една од четирите слики од Масин кои може да се купат за 3.000 евра | |