Олга Панкина на промоцијата во Москва
Беа промовирани книгите „Послание", поезија на Блаже Конески, „Кога ни гореше под нозете" од Катица Ќулавкова, „Вежби за Ибн Пајко" од Оливера Николова, како и раскази од наши автори објавени во руски списанија, сите во превод на истакнатата македонистка Олга Панкина, која е и претседателка на овој центар.
Пред дипломати и почитувачи на пишаниот збор за македонската книжевност говореше познатиот писател Сергеј Гловјук, кој се осврна на творештвото на поетите Гане Тодоровски, Константин Миладинов, Кочо Рацин и на повеќе современи автори. Панкина зборуваше за книгата „Послание", објавена во Русија по нејзина иницијатива, и за улогата на Конески како научник и поет од светски ранг. Конески е најпреведуваниот македонски поет во Русија. Голем интерес кај московската јавност предизвика поетската збирка на Ќулавкова, бидејќи руските читатели преку антологиите на македонската поезија веќе имаа можност да се запознаат со нејзиното творештво. Книгата е двојазична. Поетскиот блок го заокружи настапот на познатиот поет Вјачеслав Купријанов, кој зборуваше за своите контакти со македонски писатели и ги прочита своите преводи на песни од Блаже Конески и Ефтим Клетников.
Панкина го претстави и романот „Вежби за Ибн Пајко" од Оливера Николова, кој излезе од печат пред Московскиот саем на книга и многу успешно беше презентиран таму. Зад книгата стои познат издавач, центарот за книга „Рудомино", при Серуската државна библиотека за странска литература, што има големи можности за широка дистрибуција на книгата на руското јазично подрачје.
Се отвори и изложба на графики на московскиот уметник Александар Белугин со наслов „Рај во Дрен", инспирирани од престојот на струмичката колонија. Тој е и автор на корицата на „Послание" од Конески.
Настанот го следеше и претставник на „Гласот на Русија", која повеќе години соработува со Македонскиот културен центар во Москва и ги информира слушателите на просторите на Русија и на Балканот за сите позначајни активности.
(Нова Македонија)
7 февруари 2014