Таа вели дека живее само од пишување, но многу скромно. Се смета себеси за привилегирана бидејќи го работи тоа што го сака и тоа како слободен писател. Но вели дека постојано мора да работи и смета дека младите автори се потценети.
- Соработувам со списание веќе 13 години и с` уште добивам третман како студент. Пишувам репортажа на четири страници, а со парите од хонорарот некаде не можам да купам ниту кафе. А на следната страница автор од 70 години, кој за колумна добива десетпати повеќе. Многу е важно и самите да си поставувате цели. Мојот аргумент секогаш се читателите. Многумина сметаат дека младите автори може да живеат од љубов и од воздух и така ги третираат. Нивниот аргумент е „ако не сакаш ти, ќе сака некој друг". Најинтересно е што ви велат дека сте најголем талент, но не можете да отидете во месарница и да им речете: „Добро, дајте ми три килограми колбаси за мојот талент". Ми требаше долго време, но морав да донесам неколку тешки одлуки и да научам да кажам не – објаснува Kрамбергер.
Среќна што е родена во транзиција
Таа постојано се движи во различни светови, географски, лингвистички, социјално. На прашањето дали би живеела во друго време ако можеше да патува и временски, вели дека би останала каде што е.
- Навистина го сакам средниот век, но тогаш за жената не било баш добро време. Веројатно добро би се согласувале со волшебниците во средниот век, но кога би живеела таму, сигурно би била од оние жени што гореле на клада. Таму има автори што ми се блиски, но сите се мажи. Затоа подобро да останам овде бидејќи сега е добар момент за жените. На некој начин ми е драго што сум родена во Југославија и што бев дел од таа транзиција. Но тоа искуство од детството без мобилни и без видеоигри на некоја периферија многу влијаеше на мојата креативност и личност. Ми одговара моето време, а и секој човек во своето време си ги наоѓа патот и својата борба.
Таа додава дека никогаш не одлучила да го избере Берлин, туку бил случаен избор.
– Градот многу се промени во последните десет години, стана поскап, но има некоја енергија таму. Таму и пишувам.
За Скопје вели дека има некоја бизарна анархија во спомениците и дека првпат овде видела скулптура со високи потпетици. Уште од дете, додава Kрамбергер, сонувала да го посети Охрид и деновиве ќе и се исполни таа желба.
- Уште кога бев мала, на играта „Монопол" со улиците и градовите од Југославија, најмногу сакав да градам хотели во Охрид – се пошегува таа.
АКО СЕ ОДВОИ ПОВЕЌЕ ВРЕМЕ ЗА УМЕТНОСТА, СВЕТОТ ЌЕ БИДЕ ПОДОБАР
- Балканска е парадигмата – да забавиме малку, да си дадеме време за пријатели, некои нови работи и за нас самите и за приказни кои можеби не ги гледаме секој ден, но мора да знаеме дека постојат. Можеби е поради тоа што сум писателка, но сметам дека ако повеќе луѓе одвојат време за уметноста и за литературата овој свет би бил многу поубав и подобар. И сама наоѓам одговори на многу прашања во литературата и во уметноста и тоа би можела да биде една од можните промени во светот. Но ни претстојат уште многу битки – вели младата писателка.
(Дневник)
7 февруари 2014