Чествувањето, на кое присуствуваа голем број филмски работници и почитувачи на делото на Милтон Манаки, се одржа во организација на Комуната на Власите.
-Милтон Манаки, не само што ја прослави Битола, туку тој ја прослави и Република Македонија. Овој ден го одбележуваме во чест на неговото големо дело, кое треба да остане во колективната меморија на сите. Затоа, во таа насока треба да се потрудиме сите генерации да направиме чекор повеќе да го чествуваме она што е вистински квалитет, културно - историско наследство и она што е историја на Битола. Милтон Манаки е едно од неколкуте имиња кои треба да се запишат со златни букви во историјата на Битола, рече градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
Во чест на делото на Брака Манаки, веќе три децении во Битола се одржува филмскиот фестивал „Брака Манаки”, а минатата година во центарот на градот, на Широк Сокак, почна да се гради киното Манаки, во кое браќата Манаки работеле, а кое што пред повеќе децении беше опожарено и до темел уништено.
Во рамките на Манифестациите за одбележување на 50 годишнината од смртта на Милтон Манаки вечерва во фоеајето на Центарот за култура ќе биде отворена изложбата на реставрирани фотографии од браќата Манаки,а во големата кино сала ќе биде одржана и проекција на реставрираните филмови на браката Манаки.