На 9 март во 20 часот во Кинотеката на Македонија ќе се одржи премиера на германско-македонскиот филм „Macedonia Mon Amour" на Волфганг Сток и Андреас Раб.
„Macedonia Mon Amour" е документарен филм кој се развива во насока на прикажување на речиси медитативни слики на детали и сеќавања. Низ нив минатото и сегашноста се стопени меѓу себе во фин колаж. Како што известуваат од ЕФА продукција, со овој филм се прикажува слика за Македонија како импресија од сеќавања. Но, „тоа е и единствениот пристап кој странец може да го направи однадвор".
Филмот го следи многу значајниот христијански живот во Македонија од деновите на св. Павле, христијанските градови во доцниот антички период, средновековната Охридска школа и монашкиот живот, се' до Мајка Тереза. Тој ги прикажува и младите генерации како го откриваат христијанското наследство.
Филмот е во продукција на „Convincet GmbH, cine plus Media Service GmbH и Co.", KG и EFA и е реализиран со поддршка на Филмскиот фонд на Македонија. (С.У.)