ХАНС ВАН МАНЕН ДОБИТНИК НА „МЕНАДА“ ЗА 2014
Холанѓанецот ја доби наградата за врвни достигнувања во областа на танцот за 2014 година на јубилејното десетто издание на Танц Фест Скопје
Ханс ван Манен е добитник на наградата за врвни достигнувања во областа на танцот „Менада“ за 2014 година на јубилејното десетто издание на Танц Фест Скопје. Наградата едногласно ја донесе Советот на фестивалот.
Ханс ван Манен е роден во Нов Амстел, Холандија. Своите први часови по танц ги има во доцните 1940-ти години, од Соња Гаскел која во 1951 година го ангажира како танчар во нејзината група Балетски рецитал. Потоа продолжува да танцува при Националниот балет на Холандија и Парискиот балет на Роланд Петит.
Своето деби како кореограф го има во 1957 година со балетот „Фистгерихт“, за што ја добива Државната награда за кореографија. Од 1961 година работи на позицијата коуправител на Холандскиот танцов театар, како и главен кореограф при Националниот балет на Холандија. Од 2005 година, повторно е на позицијата главен кореограф при Националниот балет на Холандија. Неговите балети се изведувани во повеќе од 50 компании низ светот. Неговите кореографии се изведувани од бројни големи интернационални ѕвезди, меѓу кои и Ентони Довел, Марсиа Хајди, Наталија Макарова и Рудолф Нуреев.
Ханс ван Манен е еден од ретките кореографи кои успеа современиот танц да го доближи до широката публика, преку спојот на класичен балет и современ танц. Неговите кореографии за Холандскиот танцов театар се со експериментален карактер, а највпечатливи примери се „Соло за Глас I“ (1986) и „Мутации“ (1970), дуетот „Самрак“ и видео-балетот „Во живо“ (1979).
Со Националниот балет на Холандија, кореографскиот стил на Ханс ван Манен станува повеќе класичен. Меѓу неговите најромантични лирични дела се „Адаџо Хамерклавир“ (1973), „Четири парчиња на Шуман“ (1975), „Големото трио“ (1978) и „Пијано варијации III“ (1982). Неодамнешни дела од Ханс ван Манен се „Френк Бриџ варијации (2005), „Шест пијано парчиња“ (2006), „Солзи“ (за програмот „Во вселената“ во 2008) и „Без зборови“ (2010).
Ханс ван Манен има креирано повеќе од 120 балети за кои има освоено повеќе награди, како наградата за танц на Германија, наградата за животно дело Benois de la Danse, наградата за музика на градот Дизбруг.
(Утрински Весник)
8 април 2014