ПРАЗНУВАЊЕ НА ЧУДОТВОРНАТА ИКОНА ДОСТОЈНО ЕСТ
На 11/24 јуни се празнува иконата
“Достојно ест” заради чудото кое се случило пред неа во времето на патријархот
Никола Хрисоверг (983-996). Во близина на светогорскиот манастир Пантократор се
наоѓа голема долина и во неа разни келии. Во една од тие келии, посветена на
Успението на Пресвета Богородица, живеел еден доблесен јеромонах- старец
со својот послушник. Бидејќи во блискиот Скит Протат, на Кареја, секоја недела
се служило бдение. Една сабота старецот, одејќи на бдение, му рекол на
својот ученик: Чедо, јас одам на бдение, а ти потруди се да го направиш
своето правило.
Кога паднало ноќ, некој затропал на вратата од келијата. Братот ја отворил
вратата, и видел еден непознат монах, кој влегол и останал во келијата таа ноќ.
А кога дошло време за утрена, обајцата се подготвиле да ја пеат утрената.
Кога требало да ја испеат Честњејшују, монахот послушник ја отпеал до крај
“Честњејшују херувим…” – старата пофална песна кон Богородица од
свети Козма Песнописец. А оној непознат монах додал друг почетак на песната,
и отпеал вака: ”Достојно јест јако воистину блажити Тја Богородицу, присноблаженују
и пренепорочнују, и Матер Бога нашего” (грчки:Άξιον εστίν ως αληθώς μακαρίζειν σε
την Θεοτόκον, την αειμακάριστον και παναμώμητον και μητέρα του Θεού ημών); a потоа
го додал: “Честњејшују херувим…” сè до крајот.
Слушајќи, монахот послушник се зачудил и му рекол на странецот: Ние пееме само
“Честњејшују…”, а “Достојно јест” никогаш не сме ја чуле.Туку, те молам, напиши
ми ја таа песна, па и јас да Ѝ ја пејам на Богородица. – Монахот странец рекол:
Донеси ми мастило и хартија, да ти ја напишам. – Немам ни мастило,
ниту хартија, одговорил послушникот. – Тогаш донеси ми една плоча,
рекол странецот. Монахот отрчал, нашол плоча и ја донел. Непознатиот монах
ја зел и со прст, како по најмек восок, ја испишал на плочата песната: “Достојно ест”..
Потоа странецот рекол: Отсега па натаму така ќе пеете вие и сите православни и
станал невидлив. А тоа бил свети Архангел Гавриил, испратен од Бога да ја објави
ова Ангелска песна, најдостоинствена за Пресветата Божја Мајка. Кога старецот
се вратил од бдението во келијата, послушникот му ја отпеал “Достојно ест”,
како што му наредил Ангелот, и му ја покажал на старецот плочата, испишана
со ангелска рака.
Тогашните отци, празнувајќи го споменот на ова чудо, секоја година вршеле богослужби
и Света Литургија во споменатата келија, во исто време честувајќи и славејќи го
светиот Архангел Гавриил, кој од почетокот до крајот, останал боговдахнат славословец
на Пресвета Богородица, и Нејзин радосен служител и благовесник.
Оттогаш оваа Ангелска песна се разнесла по целиот свет, за сите православни христијани
да И ја пеат на Пресветата Богомајка. А светата икона на Пречистата Богородица, која се
наоѓала во црквата на онаа келија и пред која се случило ова чудо, била пренесена во
велелепната црква на Протатот, каде и денес се наоѓа.
Оттаму келијата го добила називот “Достојно ест”.