СВЕТИ ТИХОН, ЕПИСКОП АМАФУНТСКИ
Светителот Тихон, епископот Амафунтски, се родил во градот Амафунт на островот Кипар. Родителите го воспитале синот во христијанска благочестивост и во читање на Светото Писмо. Сочувани се известија дека дарот на чудотворство се пројавил кај свети Тихон уште во рана возраст.
Татко му имал фурна и го испраќал синот да продава леб. Светото момче им ги давал лебовите на сиромашните дарум. Откако дознал за тоа, таткото се разгневил, но синот одговорил дека читал во Светите Книги, дека “оној кој Му дава на Бога стократно ќе прими“. “Јас“ - велело момчето - “Му ги давам на Бога лебовите на заем“ и му предложил на татка си да оди таму каде што ги чувал резервите на зрна. Татко му зачудено увидел дека магацинот, претходно празен, е преполн со пченица. Оттогаш татко му не му забранувал на момчето да им раздава леб на сиромашните.
Еден градинар од лозјето ги фрлил отсечените суви гранки. Свети Тихон ги собрал, ги посадил во својата градина и Го замолил Господа овие гранки да фатат корен и да дадат целебни плодови за здравје на луѓето. Господ направил по верата на светото момче. Гранките фатиле корен, нивните плодови имале посебен, пријатен вкус и, за време на животот на светиот и по неговото упокојување, се употребувале за виното при совршување на тајната на Светата Евхаристија.
Благочестивото момче го примиле во црковниот клир, го поставиле за чтец, а потоа епископот Амафунтски Мемнон го посветил во чин на ѓакон. По смртта на епископот Мемнон, по општа желба, свети Тихон бил избран за епископ Амафунтски. Неговата хиротонија ја возглавил светителот Епифаниј, епископот Кипарски (+403; се слави на 12 мај).
Светителот Тихон срдечно се трудел во искоренувањето на остатоците на незнабоштвото во Кипар, ги уништил идолските храмови и ја насадил христијанската вера. Светителот бил милостив, вратата на неговиот дом била отворена за сите, тој со љубов ги слушал и ги исполнувал молбите на сите, кои доаѓале кај него. Не плашејќи се од закани и мачења, тој цврсто и бестрашно ја исповедал својата вера пред незнабожците.
Во службата на светителот Тихон се укажува, дека го предвидел времето на своето заминување, кое се случило во 425 година.