СВЕТИ АРХАНГЕЛ ГАВРИЛ
Архангел Гаврил бил избран од Господа да и ја благовести на Дева Марија, а со неа и на сите луѓе големата радост за Воплотувањето на Синот Божји. Затоа следниот ден по Благовест, прославувајќи ја Пречистата Дева, Му благодариме на Господа и го почитуваме Неговиот пратеник Архангел Гаврил, кој послужил во тајната на нашето спасение.
Светиот Архистратиг Гаврил е - служител на Божествената Семоќ. Тој му возвестувал на старозаветното човештво за идното воплотување на Синот Божји: го вдаховил пророкот Мојсеј при пишувањето на книгата Битие; на пророкот Даниил му возвестил за идната судбина на еврејскиот народ (Дан. 8, 16; Дан. 9, 21-24); и се јавил на праведната Ана со веста за раѓањето од неа на Преблагословената Дева Марија. Светиот Архистратиг Гаврил неотстапно престојувал со светата Девојка Марија во Ерусалимскиот храм и ја чувал за време на целиот нејзин земен живот. Тој му се јавил на свештеникот Захариј, претскажувајќи му го раѓањето на Претечата Господов - Јован Крстител. Господ го испратил кај светиот Јосиф; тој му се јавил на сон за да му ја открие тајната на вополотувањето на Синот Божји од Пресветата Дева Марија, го предупредил за плановите на Ирод и му заповедал да бега во Египет со Младенецот и Богородица. Кога Господ пред Своите страдања се молел во Гетсиманската градина со крвава пот, според Црковното Предание, за Негово закрепнување, Му бил испратен од Небесата Архангел Гаврил, чие име означува “Крепост Божја“ (Лука 22, 43). Жените мироносици од Архистратигот ја слушнале радосната вест за Воскресението Христово.
Спомнувајќи ги во овој ден многубројните јавувања на светиот Архистратиг Гаврил и неговото ревносно исполнување на волјата Божја, исповедајќи го неговото застапништво пред Господа за христијаните, Православната Црква ги повикува своите чеда со вера и срдечно да прибегнат во молитвите кон великиот Ангел.