СВЕТИ АПОСТОЛ ФИЛИП
Светиот апостол Филип бил родум од Кесарија Палестинска. По стапувањето во брак, тој имал четири ќерки, кои пророкувале (Дела 21, 9).
Подоцна бил избран од светите Апостоли за ѓакон и, по ракополагањето истовремено со светиот првомаченик архиѓаконот Стефан, почнал најсрдечно да им служи на верните, грижејќи се за бедните и вдовиците.
Потоа, за време на гонењето на ерусалимската црква кога свети Стефан бил убиен, и сите христијани, со исклучок на дванаесете апостоли, се расејале по јудејските и самариските области, во Самарија во тоа време дошол и свети Филип.
Овде тој го проповедал Христа, и сите жители на Самарија еднодушно ја слушале неговата проповед. Својата проповед свети Филип ја потврдувал со многу чуда, исцелувајќи од секаква болест и изгонувајќи ги лукавите духови, кои, излегувајќи од луѓето, викале со громок глас. И голема радост завладеала тогаш во тој град, затоа што оние кои ја примиле проповедта на Филип и поверувале во вистинскиот Месија се исцелувале не само од телесните, но и од душевните болести.
Таму живеел и некој многу знаменит и прославен маѓесник, по име Симон, кој ја зачудувал цела Самарија со своите волшепства, и сите го сметале за некој голем човек. Гледајќи ги големите знаци и чуда, кои се случувале преку рацете на Филип, и слушајќи ја благовеста на светиот Апостол за Царството Божјо и за името на Исуса Христа, Симон поверувал и се крстил заедно со другите (Дела 8, 5-13).
Еднаш на Апостолот Филип му се јавил ангел Господов, заповедајќи му да оди на југ, по патот, кој водел од Ерусалим во Газа. Одејќи по овој пат, свети Филип го сретнал Етиопјанинот, евнухот Кандакиј, на царицата Етиопска, кој се враќал од Ерусалим, каде тој одел на поклонение, во Газа, која се наоѓала под негова управа. Седејќи во кочијата, евнухот ги читал пророчките книги. Апостолот го поучил во верата во нашиот Господ Исус Христос и, продолжувајќи го патот со него, овде на патот го крстил.
По крштевањето на евнухот, Апостол Филип бил вознесен од ангелот и пренесен во Азов и, поминувајќи, го проповедал словото Божјо по сите градови, додека не стигнал во Кесарија. Овде тој имал свој дом, во кој и поживеал некое време заедно со своите четири ќерки, девственички и пророчици. Потоа тој повторно се вратил во Ерусалим. Откако овде, од светите Апостоли, бил поставен за епископ, бил испратен на проповед во Мала Азија во градот Тралија. Откако таму обратил многумина кон Христа и направил многу чудеса, Апостол Филип заминал при Господа во длабока старост.