СВЕТИ АПОСТОЛ И ЕВАНГЕЛИСТ ЛУКА
Апостол Лука е еден од четирите Евангелисти чии дела денеска се наоѓаат во Новиот Завет. Според едни, тој им припаѓал на Дванаесете апостоли, а според други не бил во редот на овие апостоли туку во Седумдесете апостоли. По Христовото Воскресение, Апостол Лука напишал Евангелие за животот и делото на Исус Христос, па главно поради ова тој е познат ѝ како Евангелист.
Се смета дека Лука по националност бил Грк, роден во Антиохија. Во младоста се занимавал со изучување на старогрчката философија, медицина и иконопис. Според теоријата, Апостол Лука бил оној кој го повикал Апостол Павле да дојде во Македонија. Се смета дека тој бил првиот кој ги насликал иконите на Исус Христос, Пресвета Богородица и на Апостолите Петар и Павле. Апостол Лука се смета за основоположник на христијанскиот иконопис.
По смртта на Апостол Павле тој заминал да го проповеда Евангелието во Италија, Далмација и Македонија.
Свети Лука го напишал третото Евангелие од Новиот Завет. Во преден план, Евангелието на Лука било наменето за христијанските заедници, кои се состоеле претежно од луѓе кои претходно верувале во паганските обичаи или пак евреи. Некои редови од евангелието, како параболата за Блудниот Син и параболата за Добриот Самарјанин се споменуваат само во ова Евангелие. Исто така, ова евангелие дава посебен акцент на молитвата, улогата на Светиот Дух. Освен ова Евангелие, се смета дека Апостол Лука ги напишал и Делата Апостолски. Всушност, Делата на светите апостоли и Евангелието на Лука во некои изданија на Библијата биле претставени како една книга.