Тоа за возврат може да поттикне и зголемена активност кај луѓето. Што е, според тебе, поефикасен мотиватор за создавање хумани и слободни заедници во човештвото – утопијата или дистопијата?
Тоа е добро прашање. И двете имаат слична просветлувачка функција, но утопијата го има позитивниот предзнак и нејзината цел е да даде избор, решение, план, да покаже како треба, а дистопијата го има негативниот предзнак и нејзината цел е да критикува, да оспори, да освести и да покаже како е навистина (или како ќе биде многу скоро). Двете настануваат во различни етапи од развојот на општеството. Утопиите настануваат во време на развој, полет, ентузијазам, промена или на појава на нова општествена парадигма, а дистописките визии се јавуваат во време на пад, распад, деградација или на крах на општествената парадигма. Затоа, овие два жанра се јавуваат во две дијаметрално спротивни епохи од развојот на човештвото. Утопијата се појавува во времето на просветителството, кога се јавува тој огромен ентузијазам за револуционерни промени, додека дистопиите се јавуваат во време кога е видливо дека не се остварени тие утописки ветувања и кога се чувствува постепен пад на општеството и на човештвото, па сè до конечниот крах. Денес тие визии се веќе остварени, па според тоа, може многу прецизно да заклучиме дека сме на крајот на една, за жал, неуспешна епоха – епохата на рационализмот.
Како што имаш наведено во описот на серијалот, дистопијата има антиципирачка моќ и алтруистички морални задачи – нејзината функција, меѓу другото, е да ги посочи слабите точки во општеството на кои свесно можеме да работиме за да не се оствари предвиденото. Во нашиов контекст, простор и време, каде има најочигледни никулци на дистопија?
Мојата теза е дека е современото општество дистопија што е во целост реализирана со целокупниот спектар репресивни елементи. Процесот е неизбежен бидејќи историскиот тек не се враќа наназад, така што, дури и доколку посакаме да го промениме, постојат сили што го спречуваат развојот во тој правец. Според тоа, не само никулци, туку во целост се реализирани сите аспекти што се предвидени со децении порано во поголемиот дел од дистописките романи, а оние што не се наскоро ќе се остварат. Тука се владеењето на корпорациите, контролата на емоциите преку фармацевтските производи (како, на пример, апчињата „сома" во „Храбриот нов свет" како аналогија на денешните антидепресиви), биоинженерските техники на масовно произведување и софистицираните генетски иновации во репродуктивниот процес, хипнотизирачкото дејство на пропагандата и на маркетингот, страшниот консумеризам и недостигот на ресурсите, пренаселеноста, отуѓувањето од природата, како само еден мал дел од пострашните аспекти, но листата е речиси бесконечна.