Тогаш, на кој начин сметаш дека кај нас може да се спречи тоа развивање дистописки вредности?
Дистописките вредности не разликуваат локација. Тие се остваруваат глобално, некаде подрастично, некаде поблаго или затскриено, но секако постои глобална тенденција во сите општества, бидејќи нивната цел е потполна контрола. Меѓутоа, тоа не значи дека не можеме да се заштитиме барем делумно. Еден од начините е посвесно да гледаме на регулативите што ни се наметнуваат, да ги евалуираме нивните цели и намери и да не ги прифаќаме сите закони и трендови што ни доаѓаат од запад како современи, демократски или проевропски. За жал, и локалната политика е заложник на овие трендови, па безрезервно ги прифаќа, без да се запраша која е заднината. Другиот дел од тие „вредности" е потешко да се избегнат бидејќи посуптилно се наметнуваат преку рекламирањето, медиумите, технологијата или едноставно преку униформирачкото влијание на глобализацијата. За да се избегнат овие влијанија, секако дека треба да се биде свесен и повторно да не се прифаќа безрезервно сè што ќе ни се сервира како „кул". Сепак, за жал, новите генерации ги прифаќаат овие глобалистички влијанија како нешто сосема нормално и безусловно ги усвојуваат, па и нивното влијание е подиректно.
Која е главната компонента на најужасното дистописко општество што можеш да си го замислиш?
Нема потреба да го замислуваме кога веќе се остварува пред нашите очи. Главната компонента е одземањето на слободата. Нема ништо поужасно од ограничувањето на слободата. А сите дистопии примарно говорат за општества во кои слободата е ограничена на различен степен и со различни методи. Тие се беневолентни или експлицитно тоталитарни системи во кои просторот за маневрирање на поединецот е стеснет или се стеснува сè повеќе. Сепак, за жал, тие замисли пополека – но сигурно – се остваруваат и се случуваат и во реалноста. Слободата на движење, на дејствување и на говор е ограничена. Какво било автентично слободно човечко дејствување е врамено со најразлични кодекси, закони и правила. Од правилата на однесување, на облекување, на исхрана, до користењето на ресурсите, целокупниот работен однос, администрацијата, бирократија и монетарниот систем. Сите тие се начини и методи преку кои се контролира однесувањето на човекот и се става во функција на системот.
Меѓутоа, проблемот не е во самите правила. Понекогаш системот има координативна улога. Го олеснува функционирањето во покомплексни услови. Проблемот е во начинот на примената и во целта за која се поставуваат тие правила или во улогата што ја добиваат откако се поставени. Голем дел од нив навидум се за полесна навигација, олеснето функционирање, наша заштита и за подобрување на условите, но сите тие ја изгубиле првичната цел и денес служат за полесна експлоатација, за манипулација и за контрола. Земете го најпростиот пример со камерите за набљудување. Тие се насекаде, навидум за заштита од криминал, но заднинската цел е целосна контрола на движењето на граѓаните (читај: поданиците). Со поставување на камерите, криминалот не е намален. Напротив. Мерката не е насочена кон причината, изворот на криминалот, туку само се обидува да ги третира последиците. Истото се однесува и на новонаметнатите правила за семенски материјали, за ГМО-храната и за одгледувањето на растенијата, кои се наметнати зад превезот на наводната потреба од строго контролирана или квалитетна исхрана и од укинување на гладот во сиромашните делови од светот. Меѓутоа, и покрај тие мерки, не можеме да забележиме намалување на гладот и зголемување на ресурсите. Според тоа, или методите се нефункционални или нивната намера е поинаква.
Разговараше: Марија Грубор
Насловна фотографија: Joel Chester Fildes
(Излез)
23 јануари 2014