Се разбира дека знам оти сѐ е околу пари. Се разбира дека знам оти е капитализам. Познато е дека најдобро ќе си поминат аморалните.
По некоја случајност читам за глобални активистички потфати во деведесетите, за начини на кои луѓето во Америка, Европа и Азија се поврзале во заедничка борба против експлоатацијата на работниците во Индонезија, експлоатацијата на природни ресурси во Нигерија, поддршката на диктатури од страна на мултимилионските компании, кршењето на основните човечки права – и тоа во земји толку далечни, толку чудни и туѓи.
Да, знам дека нема место за морал во светот на големиот бизнис. Знам дека сѐ се врти околу пари. Но ми пречи кога ова што го живееме го третираме како дадено од Бога, имале таков или не.
Со доаѓањето на ерата на интернет комуникацијата, тогашните активисти се поврзале и поддржале на дотогаш невидени начини, задале неочекувани удари на корпорациите кои биле недопирливи и никој не можел да ги натера да преземат одговорност за алчноста што уништила животи. Обични активисти успеале да се изборат за формирање на синдикати на шивачки на Филипини. Мрежа од загрижени обични граѓани организирале масовни протести пред стотици ресторани на Мекдоналдс со цел да информираат што повеќе луѓе за здравствените ризици на нивната храна, неетичниот однос кон вработените, производството на месото, загадувањето.
Студенти од Северна Америка успешно извршеле притисок врз администрацијата на своите универзитети да ги укине скапите договори и спонзорства со компаниите кои заработувале „крвави" пари што поддржуваат брутални режими. Таму некаде, во чудни туѓи земји. Откриле дека нивните врсници на другиот крај на светот, работејќи прекувремено во одвратни услови и за трагикомични плати во услови на секаква злоупотреба, ги шијат и лепат производите кои ним некој им ги продава за стотици долари, уште и качени на пиедестал на престижен бренд.