Означувачките практики
Авторот, значи, ја забележува важноста на занимавањето со овој феномен во академските институции, посебно нагласувајќи ја потребата на овој феномен да му се пристапи од аспект на феминистичките и на родовотеориските студии. Како потврда на овој став ја истакнува сè поголемата појава на доминација на женските ѕвезди во турбофолк-музиката: „(…) не може ’елитистички‘ да се затвораат очите пред фактот дека тие и нивната музика се она што огромен број луѓе на овие јужнословенски простори најмногу го сакаат и најмногу го слушаат и дека турбофолкот како постмодернистички хибриден жанр ги надживеа сите општествени и културни промени, па иако хибриден и парадоксален, стана репрезентативно обележје на епохата во која живееме денес" (2013: 13). Под феминистичка интерпретација авторот го подразбира спротивставеното, потенцијално субверзивно знаење што им се спротивставува на владејачките идеи. Понатаму, тој оваа интерпретација ја изместува во постструктуралистичката, во постмодернистичката и во споменатата феминистичка теорија/критика, што можеби претставува и најслабото место во трудот во поглед на разграничување на овие теории/критики. „Оваа книга го претставува оној вид постмодернистичко размислување што зборува за женскиот субјект од внатрешноста на деконструкцијата и на постструктурализмот, преиспитувајќи ги, на тој начин, означувачките практики што довеле до конструкција на тој женски субјект во турбофолк-текстот" (2013: 38). Понатаму, авторот на неколку места се обидува да ја оправда релевантноста на споменатите теориски исходи на интерпретацијата и одделно да ги означи деконструктивистичките, постструктуралистичките и постмодернистичките читања како „политички стратегии" со кои се дава „адекватен одговор на прашањето за политичкото и субверзивно дејствување, затоа што го доведуваат секој вид еднодимензионално мислење во прашање, но не нудат одговор во вид на конечен заклучок, туку отвораат простор за нови размислувања" (2013: 38). Меѓутоа, токму ова означување на читањето како политички стратегии што го доведуваат во прашање поредокот, но – напротив – не нудат одговори, туку отвораат простор за нови размислувања, за слаби аргументи во корист на релевантноста на теориските/критичките исходи на анализата, ќе го потврди и исказот дека е „невозможно" да се дефинира деконструкцијата, но дека е деконструкцијата „критичка практика" што може да биде искористена за „политички субверзивни цели". Авторот со ова го покрива и терминот постмодерна, обидувајќи се и деконструкцијата и постмодерната да ги сведе на термини што е речиси „невозможно" да се дефинираат и што му се противат на секој вид „есенцијализам и детерминизам". Веројатно свесен за можноста за одредени приговори во поглед на изборот на овие теории и на методот на читање како политички стратегии, авторот спорадично споменува како академските институции и универзитетите, како и одредени феминистички теории, го одрекуваат политичкиот потенцијал на постструктурализмот и на деконструкцијата.
Но, добро, каде и како авторот гледа поткрепа за ваквиот став: „Деконструкцијата на субјектот не подразбира отфрлање на тој поим, туку негово промислување, децентрирање и конструирање на неисклучувачки начини, искористување на субјектот за субверзивни цели заради реализација на еманципирачки феминистички политики"(2013: 42). Ова, како и претходно наведените места, се проблематични зашто ни со вложениот напор да се оправда политичкиот субверзивен потенцијал на употребените методи не е возможно, барем преку вториот дел на книгата, кој ја покрива интерпретативната стратегија на репрезентативните текстови на песните, да се дојде до одговорот што е тоа исходишна можност за политичка субверзија или, да ја употребам синтагмата на авторот, „еманципаторска политика". Еманципатроските политики авторот ги пронаоѓа во трансгресивните чекори против доминантниот хетеронормативен модел и во посакуваната конструкција на женскиот субјект како во југословенската така и во етнонационалистичката (доминантната) фаза на настанувањето на текстовите на песните и на видеоснимките. Меѓутоа, прашање е колку еманципирачки политики навистина содржат тие места од анализата и дали не би било попримерно да се означат со некоја друга синтагма. Исто така, во заклучокот на трудот авторот пишува: „Популарната култура со другите видови медиумско или уметничко изразување, во своето најшироко значење, може да биде еден од видовите на повторното изградување на југословенската култура, која е клучна спојка во градењето на еманципирачкиот потенцијал на постјугословенскиот регион во целост" (2013: 143). Ваквиот заклучок можеби е претенциозно поставен, особено со оглед на фактот дека авторот не ги расветлува местата на еманципирачкиот потенцијал или на еманципирачките политики како фактор на изградбата на „југословенската култура". Одговорот на тоа можеби се наоѓа во стратегиите на читање одбрани со воведните истражувања, каде што избраните модели на интерпретација повеќе се обидуваат да се оправдаат како релевантни политички стратегии отколку да дадат политички, па и идеолошки одговор на воведувањето на поимот „еманципирачки политики".