Постои древен африкански обичај кој го регулира начинот на кој старите африкански племиња ги донесувале своите одлуки. Тие за спорните прашања преговарале „до смрт" сè додека сите не се согласеле со решението на проблемот. Нивната логика била проста. Kако што котлето со вода која треба да зоврие на огнот не може цврсто да стои на три камења, туку му се потребни четири, така и решението на поставениот проблем не може да опстане ако со него не се согласат сите. Мудриот племенски старешина тоа добро го знаел. Ако дошло до спор за некое прашање, тој ги свикувал претставниците на племето и со часови, со денови и месеци, ако било потребно, разговарале. Разговарале, се договарале, спореле, но не отстапувале од идејата дека решение, прифатливо за сите, може да се најде. Избрани според критериумот – најмудри, претставниците на заедниците, собрани на, за нив, свето место, место кое зрачело со позитивна енергија, седнати на земја, крснозе, го воделе својот дијалог, трпеливо, упорно, сè до моментот кога одлуката била прифатлива за сите.
Наспроти трпеливоста и упорноста на древноста, модерноста наметнува нови критериуми – заштеда на времето. Консензусот, исто така, иако пожелен, не е приоритетен ниту задолжителен. Спротивставен на времето (кое е пари, нели?!), тој сè повеќе го губи своето значење.
Лесно им било на луѓето од старите африкански племиња да седат и да преговараат. Тие не морале постојано да гледаат на часовникот зашто времето го мереле во крупни интервали: пролет, лето, есен и зима. Вистина, и тие знаеле за мената на денот и ноќта, но таа немала некое поголемо значење, кажувала кога треба да се работи, а кога да се спие. Лесно им било да преговараат кога единствено се грижеле како да се прехранат. А и местото каде што се состанувале било постојано исто. Навистина, малку пооддалечено од населбата, но сепак лесно изодливо и згора на тоа најчесто на некоја височинка каде недопрената природа и чистиот воздух ги поттикнувала што подолго да се задржат таму. А и каде би оделе? Па тие не знаеле дека местото може да има и други карактеристики освен за нив поимливите: сакрален, свет простор, простор на иницијација наспроти световен простор, простор на секојдневното приватно и јавно живеење. Тие не морале постојано да се трудат да бидат на „in" или „brand name" места. Оттука и не морале секојдневно да се соочуваат со сообраќајниот метеж и да се борат со времето и да ја совладуваат оддалеченоста на просторите за да стасаат од едни на други преговори, зашто имале еден, јасно дефиниран проблем кој требало да се реши на јасно дефинирано место. Лесно им било, смирено, со забавени движења, долго да разговараат, кога од нив се очекувало само да изнајдат добро решение прифатливо за сите, без при тоа да размислуваат на целните групи, предноста во преговарачките позииции, лоби групите, економскиот профит, глобалното затоплување, националните интереси… Нивната позиција била едноставна, ослободени од сите грижи што ги носи напредокот, на располагање им било оставено сето време. Модерниот човек ја нема таа комоција. Тој е принуден да решава мноштво неодложни, важни, приоритетни проблеми на современоста, кои, пак, бараат, принудуваат, времето да се мери во ситни интервали. Во таквата констелација тој, едниот и единствено важниот спор на древноста, станува невидлив. Фатени во мамката – недостиг на време за чекање, модерните/современите луѓе измислиле нови механизми по кои ќе се решава за настанатите актуелни и денес важни спорови.