Така се доѓа до идејата за демократија која се заснова на едноставната математичката логика која вели дека за настанатиот спор се одлучува со мнозинство гласови, пренебрегнувајќи го фактот дека на три камења котлето е нестабилно, та водата од него лесно може да се истури и да го изгасне огнот. Палењето на огнот кај примитивните племиња бил сложен процес, барал мајсторија, вештина, та веројатно и затоа било многу важно тој да не згасне. За среќа, денес луѓето не мора да се грижат за тоа. Денес, благодарение на технолошкиот напредок, постојат направи за брзо и лесно палење оган, а и носењето вода не бара многу време. Значи, во услови кога водата и огнот се лесно достапни, паѓа во вода и споредбата со котлето. И бидејќи денес воопшто не е важно котлето да биде стабилно, впрочем одамна веќе водата не се загрева во котле, важно е да се почитува простата математичката логика според која еден е помало од четири.
Е сега, бидејќи сè си има своја традиција, а традицијата остава траги кои не можат да се избришат, она што останало од старите африкански племиња е преговарањето. Демократското општество вели дека преговорите се важна фаза во изнаоѓање решение, па, пред да се употреби математичката логика, треба да се примени системот на договори и преговори. Претседателот (наследникот на племенскиот старешина на древните племиња) оценува кога е дојдено времето да завршат преговорите и да се премине на математичката логика, односно спорот да се реши со гласање. Се гласа и тука завршува сè. Донесената одлука се применува, а дали таа стои на стабилни нозе покажува времето. Веројатно и тука споредбата со котлето не важи зашто за да стои котлето стабилно потребни се четири камења. Применувајќи ја едноставната математичка логика, современиот човек пресметал дека ако од пет, шест или повеќе камења се одземе еден, котлето и понатаму (горе-долу) ќе стои стабилно врз огнот. Па така, ако гласаат најмалку пет члена, еден глас против не ја менува стабилноста на одлуката. (Веројатно оттука и непишаното правило за важни одлуки комисиите да се составени од најмалку 5 члена.) Оттука, едноставната математичка логика се покажува и како најекономично и како наједноставно решение кое би можело да биде прифатливо за сите.
Но, едноставната логика станува комплицирана во моментот кога едниот глас против со ужас осознава дека ако тој отстапи од под котлето зовриената вода ќе се истури токму врз неговата нога и ќе го попари, а можеби и ќе го згасне огнот. Гледајќи само во својата нога, во водата, во огнот и во својот страв за нив, едниот глас бара начин како да ја надмудри едноставната математичката логика. И наместо да отстапи од под котлето, тој прета, палавее, пребројува и надбројува, се бунтува и вреви, и, во својот жар и занес да докаже дека тој, едниот глас против, е најважната алка во ланецот, прави невнимателно движење, и не сакајќи, го превртува котлето. Ја спасува ногата од изгореница, но, го гаси огнот. Попусто демократијата се трудела да измисли механизми за стабилност на котлето, та броела колку камења се потребни тоа да стои исправено, кога на едниот глас против му дозволила да палавее и да прета, та така да ја надмудри простата математичка логика и сепак да го востанови правилото еден е поголемо од четири.
Распната помеѓу гласноста и надгласувањето, демократијата е принудена да шепоти, односно се наоѓа во една недефинирана состојба помеѓу говорот и ромонењето. Шумот пак, секогаш го носи ризикот на недоразбирање, нешто воопшто да не биде слушнато или да биде погрешно слушнато. Така шепотот или стивнатиот говор, ромонот, шумот сè помалку се одвива на местата предвидени за преговори, го губи јавниот простор, се престорува во затскриен, затсценски, заткулисен говор, при што ниту простата математичка логика ниту консензусот немаат важност. А кога нештата ја губат важноста, тогаш е можно и еден да е поголемо од четири. Крајниот резултат е превртено котле, истурена вода и изгаснат оган. Во таквата ситуација кој знае дали и ногата останува здрава?
Лорета Георгиевска – Јаковлева
(Македонија Презент)
15 февруари 2014