Надлежните институции не можат да се справат со организираната дрвна мафија
Киро Кипроски
Гостивар - Во последниве десетина години се врши невиден масакр врз шумското богатство на планините Сува Гора, Буковиќ и Шар Планина, на гостиварскиот дел. Годишно се сечат меѓу 150.000 до 200.000 кубни метри огревно дрво, од кои повеќе од половина им припаѓа на дрвокрадците, на таканаречената дрвна мафија.
Оваа несакана појава со зголемен интензитет почна за време на воениот конфликт во 2001 година, но, за жал продолжува и денес, па се добива впечаток дека државата не може да се справи со неа. Секоја година снемува се' поголеми површини шума, а остануваат само голини. Веќе ги нема високите буки, раскошните дабови дрвја, зимзелените елки и борови, кои на планината и' создаваа посебен амбиент и беа мамка за луѓето да доаѓаат и да уживаат во просторот, да се надишат чист планински воздух, да се спасат од пеколните горештини... Но, со неконтролираната гола сеча на шумата што ја вршат дрвокрадците направен е вистински пустош на планините. Атарите на повеќе планински села во Гостиварско се „чисти", нема ни коренче, се' е срамнето со земја. Жална е сликата околу селата Лакавица, Куново, Врањовце, Ломница, Корито, Врањовце, Јеловце...
За да се обнови шумскиот фонд во регионот, според мислењето на раководителот на Шумската полиција во Гостивар, Александар Алексовски, стручњак по шумарство, предлага да се забрани секаков вид сеча во наредниве 20 години. Само на овој начин може да се возобнови шумата која беше уништена во последнава декада.
Бизнисот со огревно дрво е многу доходовен. Просторен метар огревно дрво се продава од 40 до 50 евра, во зависност дали е буково или дабово, купено во склад или, пак, донесено дома. Ситните крадци огревното дрво илегално го превезуваат со комбе или со автомобил, го носат по куќи и го продаваат поевтино.
Алексовски напоменува дека оваа негативна појава фатила толку длабоки корења, што многу тешко успеваат да се справат со тоа. Шумската полиција за 10 месеци од годинава, во споредба со истиот период лани, ја зголемила ефикасноста за околу 30 отсто. Открила и поднела над 100 кривични и прекршочни пријави против дивокрадци, одзела околу 200 кубни метри дрвна маса, 20 комбиња, 10 трактори со приколки, исто толку патнички возила, поголем број моторни пили, секири и друг алат.
Портпаролот на СВР - Тетово, Марјан Јосифовски, вели дека одзеле 22 кубика огревно дрво, кое било пренесувано со моторни возила, без потребна документација. При тоа биле поднесени 4 кривични пријави за кражба, за пресечени и оставени дрва.
Гостиварската подружница Шумско „Шар" на ЈП „Македонски шуми" стопанисува со 120.000 хектари шума и, како што вели директорот Форче Милошески, нивната задача е превентивно да дејствуваат во заштита на шумското богатство од природни непогоди и од напад на инсекти и други штетници на дрвјата, додека за кражбите на шумите се грижат Шумската полиција и МВР.
Шумарите на Шумско „Шар" објаснуваат како дивокрадците не им дозволуваат да ја обавуваат својата работа, насила ги бркаат, им се закануваат и слично. Имало случај кога возач на камион натоварен со огревно дрво од лице кое на тендер добило право да сече маркирани дрва, бил принуден под закана дрвата да ги растовари во двор на приватна куќа.
Командирот на Шумската полиција вели дека службениците на ПС Галате, на теренот што го покрива оваа полициска станица каде што има најголема кражба на огревно дрво, немаат откриено ниту еден дрвокрадец, ниту, пак, имаат поднесено пријава против некого.
(Утрински Весник)
1 декември 2013