|
Ги покрсту вал луѓето и ги образ овал децата
Ги покрсту вал луѓето и ги образ овал децатаНа една група ученици им ги покажувал формите на буквите, на друга ѝ го објаснувал значењето на напишаното, а трета група, пак, ја подучувал да пишува
Од пред неколку години на Плаошник во Охрид почна возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет
РАКОПИСИТЕ НА СВЕТИ КЛИМЕНТ СЕ НАЈГОЛЕМ ДОКАЗ ЗА ПОСТОЕЊЕТО НА ОХРИДСКАТА КНИЖЕВНА ШКОЛА
Најголем материјален доказ за постоењето на Охридската книжевна школа се пронајдените ракописи од 9 век. Во оваа школа, според податоците од житијата, свети Климент описменувал деца, кои биле негови ученици. На една група ученици им ги покажувал формите на буквите, на друга ѝ го објаснувал значењето на напишаното, а трета група, пак, ја подучувал да пишува.
Во житијата стои дека кога свети Климент не ги описменувал децата, тој се оддавал или на молитва или, пак, се занимавал со читање или пишување книги. Понекогаш се случувало во исто време да извршува две работи: да пишува и да им предава на децата некакво знаење. Токму со овој значаен дел од известувањето за содржината на Климентовата дејност во Кутмичевица утврдено е дека се одликува со особена автентичност и веродостојност.
Покрстувал и описменувал
Д-р Тони Филипоски, историчар и доцент на Филозофскиот факултет, кој докторирал на тема „Охрид во раниот среден век", потсетува дека дејноста на свети Климент се одвивала на поширок простор, кој главно ги опфаќал пределите на западна и југозападна Македонија и делови од денешна Албанија. - Овие предели главно биле населени со словенско население. Во текот на своето подолготрајно просветителско дејствување (од 886 до 916 година) тој направил големи достигнувања. Од една страна ги покрстувал луѓето, а од друга страна ги описменувал и образовал на разбирлив словенски јазик. Се смета за втемелувач на Охридската книжевна школа. Градот Охрид, поконкретно црквата „Св. Пантелејмон" претставувала центар на неговото дејствување, за по неговата смрт да се претвори во жариште на почитување и прославување на неговиот светителски култ - вели д-р Филипоски. Затоа, додава тој, свети Климент го носи епитетот Охридски.
- И во минатото и денес, тој е патрон на градот и на Охридската архиепископија. Денес Македонската православна црква-Охридска архиепископија со право го смета за свој најзначаен светител и поради тоа најголемиот соборен храм му е посветен нему - додава професорот.
Школата не може ништо да ја замени
Од пред неколку години на Плаошник во Охрид почна возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет. Во комплексот е предвидено да има археолошки музеј, музеј на словенската писменост, галерија на икони, библиотека и други објекти.
- Не сум вклучен во тој проект, но тоа што се гради сепак не може да биде копија на Охридската книжевна школа. Ќе биде веројатно комплекс што ќе биде достојна замена на Климентовата школа. Целта е да му се даде значење на тој простор - додава д-р Филипоски.
Автор на оригинални словенски дела
Св. Климент напишал многу оригинални словенски дела за повеќе црковни празници под формата на: похвални слова, поучителни слова, житија и канони. Сѐ уште не е откриен негов оригинален автограф, но неговите дела се среќаваат во повеќе подоцнежни преписи што се наоѓаат во најразлични црковни книги, синаксар, минеи, октоих, пролог, кои денес се чувани во различни библиотеки, музеи и архиви низ светот. Познати се повеќе од 100 негови дела под различна жанровска форма.
| | | | Автор: Антонија Поповска-Христов | Фотографија: Емил Јовановиќ
(Нова Македонија) 8 декември 2013 |
|
|
|
Views: 218
| Added by: Вељанко
|
|
|