ПРЕСУДИ ЗА СЛУЧАЈОТ "АГЕНТ"
Две години затвор за Слободан Богоевски
Обвинетите, кои добија минимални затворски казни, ќе бидат на слобода до правосилност на пресудата и ќе треба да ја надоместат штетата од околу 850 илјади евра
Поранешниот висок полициски функционер и разузнавач Слободан Богоевски вчера беше прогласен за виновен за перење пари и осуден на двегодишна затворска казна за скандалот со продажбата на државно земјиште познато во јавноста како случајот "Агент".
Идентични казни добија и адвокатот Владимир Пешликовски и словенечкиот државјанин Митја Валич на кого му се судеше во отсуство, додека првообвинетиот, адвокатот Васко Томановиќ, кој покрај перење пари се товареше и за злоупотреба на службената положба и овластување, доби три години затвор.
Обвинетите Даниела Трајковска и Ален Јегени, кои исто така беа осудени на по двегодишна затворска казна, Судскиот совет со кој претседаваше судијата Јани Нича им ја замени со условна казна во траење од четири години.
Во образложението на пресудата, Судскиот совет објасни дека ги зел предвид олеснителните околности, односно фактот што станува збор за лица кои никогаш не биле во судир со законот, туку фактот што станува збор за криминал во кој е предизвикана висока материјална штета.
Токму за штетата која во текот на процесот беше проценета на 850 илјади евра, судот наложи да биде солидарно вратена од обвинетите на кои ќе им биде одземен имот и средства, доколку е потребно.
Обвинетите Богоевски, Пешликовски и Томановиќ, по осум месеци минати во притвор, беа пуштени на слобода до правосилност на пресудата.
Адвокатите од одбраната, сметаат дека нивните клиенти биле осудени без вистински докази и најавија жалби на пресудата за која сметаат дека ќе падне. Тие исто така додадоа дека се задоволни од судската одлука со која нивните клиенти се пуштени на слобода.
Според обвинителниот акт, шестемина обвинети испрале околу 850 илјади евра преку малверзации со плацот од 19.000 квадратни метри кај салата "Борис Трајковски". Прво сопственик на плацот беше фирма, сопственост на грчкиот бизнисмен Кондоминас, а потоа словенечки "Меркатор". Томановиќ, во договор со Валич, добиле нешто над еден милион евра од словенечката фирма за наводно лобирање и раскинување на договорот со сопственикот на земјиштето, фирмата на Кондоминас од Никозија. Договорот веќе бил раскинат, па адвокатите направиле фирми, едната со идентично име како кипарската, а друга сестринска на "Меркатор" на кои им легнале парите. Богоевски бил ангажиран како физичко лице-посредник во целиот процес за што добивал наводна провизија. Голем дел од средствата биле веднаш подигнати во готово и на тој начин испрани од криминалот.
(Вечер)
16 декември 2013